Летната музичка школа за кларинетисти „Тренирај го својот змеј!“ се одржа во Цапари

Врвните македонски музичари и инструменталисти Исмаил Лумановски и Оливер Јосифовски, од 5 до 11 август, во Цапари, кај Битола, имаа специфична мисија на 11 талентирани кларинетисти да им го пренесат своето знаење во рамките на летната музичка школа „Тренирај го својот змеј!“.

Македонскиот кларинетист од светска класа Исмаил Лумановски, покрај тоа што живее и работи во Њујорк, и настапувал со ѕвезди, како Марсел Калифе, Ад Ди Меола и многу други, е познат и како стипендист на престижниот универзитет „Џулијард“ на Менхетен.

Знаењата и техниките за свирење што ги стекнал на универзитетот, но и на многубројните настапи низ целиот свет, овие денови несебично им ги пренесуваше на 11 талентирани млади кларинетисти од Македонија во рамки на летна музичка школа „Тренирај го својот змеј!“, што се одржа во Цапари, кај Битола.

– Идејата за овој проект се градеше во мене уште од мојата прва година во САД, каде што бев примен, со целосна стипендија, на светски познатиот летен камп „Interlochen Arts Camp“ во 2002 година. Дружбата со уметници и музичари од целиот свет и начинот на кој се работеше на изградувањето на еден уметник ми остави силен впечаток и, можеби, беше еден од најбитните фактори за јас да можам да изградам успешна кариера. Идејата и целта на проектот е да им се даде инспирација на млади и перспективни таленти за да можат да изградат професионална кариера на светско ниво – објасни Лумановски.

Идејата и целта на проектот е да им се даде инспирација на млади и перспективни таленти за да можат да изградат професионална кариера на светско ниво

За учество на школата биле селектирани 11 кандидати, млади кларинетисти од целата држава, кои добиле целосна стипендија за учество, а во реализацијата на идејата се вклучил и Оливер Јосифовски („Љубојна“).

– Идејата доаѓа по долго ферментирање и соработка нашиот најплоден кларинетист во светот Исмаил Лумановски, или како што сакаме од порано да си го викаме Смајче. По долгогодишните заеднички и плодни соработки, сакавме да презентираме една нова епизода на „музички средби од трет вид“. Проектот ја опфаќа магијата во музиката. А во превод тоа значи денови, месеци, години и декади поминати во љубов со музиката и нејзиното височество – музата. Сите знаеме дека уметноста не се учи за 7, 10, 15 дена или години, но знаеме и дека треба да има и постои систем. Тој систем и сите знаења што ги носиме во себе сакавме да ги споделиме низ дружење и музицирање со вистинските луѓе во вистински момент. Навистина е дар (во денешно време) човек да добие грозд млади, талентирани, љубопитни и технички спремни македонски кларинетисти како свое музичко огледало. Ние сме свесни за тоа, и затоа би дале сè за да бидеме дел од тоа што значи македонско музичко кларинетско наследство – истакна Оливер Јосифовски.

Седумдневната летна школа се одржа во Вила „Де Ниро“ во Цапари, кај Битола

Насловот на проектот произлегол од интерните досетки и претходно дружење со Исмаил Лумановски и Смајче станало Змајче, а проектот „Train Your Dragon“ ја носи пораката „тренирај го својот змеј во себе!“

– Тоа е порака и подарок за сите наши музичари. Бидете подобри и работете на себе, колку што можете повеќе! – потенцира Јосифовски.

Проектот е финансиски поддржан од Амбасадата на САД во Скопје и е во организација на Здружението за активно истражување од областа на културата и уметноста „Етна-арт фузија“ – Крушево.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 141, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 13-14 август 2022)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот