Лекарите од Кожно одлучија да не јадат од исто „тенџере“ со пациентите
Доктори, сестри и друг вработен персонал од Кожната клиника, прво потпишале петиција до директорката, па на Управен одбор донеле одлука дека нема потреба понатаму да им се доставува болничката храна од фирмата „Хацат“ која дваесетина години го има тендерот за храна на Клинички центар.
Препорачано
Наместо храната која им следува на докторите, сестрите и другиот персонал што дежура на Клиниката, тие побарале и одлучиле средствата да им се додаваат на плата како хранарина, па самите да си купуваат сендвичи или други оброци по избор, потврдија за „Слободен печат“ извори и од Клиниката и од Заеднички служби. Но, сумите за ваквиот избор ќе бидат многу мали, зашто ручек за еден дежурен од персоналот преку „Хацат“ е 168 денари со ДДВ, а вечератата за дежурниот персонал се наплаќа 112 денари со ДДВ.
Меѓутоа за разлика од медицинарите, храната за пациентите останува на менито и тие немаат избор како вработените на Клиниката. „Слободен печат“ разговараше со повеќе вработени на Кожната клиника кои дежураат и тие ни рекоа дека сите се потпишале на петицијата зашто храната не им се допаѓа.
– Причината е грозната храна. Никој не ја јаде и се фрла за џабе. Ја гледам и таа храна што ја добиваат пациентите и грозна е. Лепчињата суви, ориз и макарони. Ни се смачи – рече доктор од Клиниката со кого разговаравме и кој сакаше да остане анонимен.
Новата директорка на Клиниката за дерматологија, професор доктор Катерина Дамевска за „Слободен печат“ потврди дека донеле одлука на Управен одбор персоналот да добива надоместок за хранарина од истите пари што досега се префрлувале од Клиниката на сметката на Заеднички служби кои пак му плаќаат на „Хацат“. Но, таа не смета дека причините за одлуката на Управниот одбор биле во лошиот квалитет на храната, туку во тоа што на персоналот кој дежура добредојден би му бил секој денар на сметката.
– Искрено, средниот персонал е послабо платен и сметам дека тоа е основниот мотив, дека секоја пара што ќе ја заштедат за нив ќе биде во ред. За пациентите останува храната. Имало во минатото случаи кога некои клиники ја откажуваа храната и за пациентите и за персоналот. Персоналот има избор дали да добие пари или да добие храна.
До мене доставија барање дека сакаат надоместок за храна. Оваа одлука ќе се применува од октомври, нејзината примена е одложена. Мене како директор примарна обврска ми е да обезбедам три оброци за хоспитализираните болни. Законските обврски се таа храна да ја доставува кујна која има критериуми. Но, за вработените не е обврска обезбедувањето ваков оброк, па затоа вработените имаат право на избор – ни рече професор доктор Дамевска.
Инаку повеќе од 30 години, дури и во времето пред „Хацат“ да го добие тендерот за храната на Клинички центар, за дежурниот персонал се требува храна на сите клиники. Така било и во времето кога во рамките на Клинички центар функционирала кујната. Храната за дежурниот персонал се разликува од храната за пациентите. На Кожната клиника со одлука на Управен одбор решиле дека нема да земаат повеќе храна од „Хацат“ за дежурниот персонал, туку износот со вклучен ДДВ кој Клиниката го плаќа кон заеднички служби за потоа да ѝ биде исплатен на фирмата „Хацат“ да им го дава во пари на дежурните.
Но, тука настанал проблем затоа што според член 128 од Законот за работни односи точно е определено на кого и колку му следува за храна. Приближната пресметка изгледа вака: Ако вкупниот фонд на часови за дежурен лекар е 176 часови, а тој има 5 дежурства во месецот од 22 часот навечер до 6 часот наутро, тогаш тој има 40 часа дежурство во месецот. Тој би добил 1.660 денари за овие пет дежурства во хранарина и тоа само ако е исполнет член 128 став 1 од Законот за работни односи кој се однесува на правата на работниците што работат ноќно време.
И во болниците од внатрешноста храната за болните се обезбедува на тендери. На дел од овие јавни набавки со години се јавува само една фирма, а понудувачот кој се јавува на тендерот дава вредност на понудата до денар иста како проценетата вредност од страна на болницата. Во некои државни болници од внатрешноста сумата за појадок по пациент е 126 денари, за ручек 184 денари, а за вечера 126 денари.
„Слободен печат“ разгледа три договори за набавка на оброци за болничките пациенти во болницата во Кавадарци од 2021, 2022 и 2023 година. Добитници на тендерите во трите години се две фирми, ама регистрирани на иста адреса со одговорни лица со исто презиме. Во договорите има дискрепанци. Така во 2021 година кавадаречката болница ѝ дозволила на фирмата да ја подготвува храната во болничките простории со право да користи вода, струја и парно. Но, веќе наредните две години ситуацијата се променила и болницата почнала да ја наплаќа потрошената струја на фирмата добитничка на тендерите. Тоа значи дека во текот на една година, во 2021 година струјата паѓала на товар на болницата.
Надлежните од Клинички центар „мува не ги лази“ за кифлата од 8 сантиметри


