Лекар предупредува на „тивок убиец“: Една навика во исхраната може да биде знак за деменција

Фото: Pexels Kindel / Media

Деменцијата е група на симптоми поврзани со губење на когнитивните функции. Најчесто се појавува кај луѓе постари од 65 години и може да доведе до проблеми со меморијата, како и до промени во личноста и однесувањето.

Повеќето од нас се свесни за некои од симптомите, а губењето на меморијата и говорот се меѓу најчестите знаци. Меѓутоа, она што е можеби помалку познато е фактот дека оваа состојба може да предизвика и одредени промени во навиките во исхраната.

Затоа, д-р Џонс Ујс, заедно со фармацевтот Абас Канани, предупредија на посебен предупредувачки знак за деменција кој лесно може да се занемари.

Зголемената желба за слатки може да значи дека личноста потенцијално има деменција. Во разговорот за „Дејли експрес“, Канани откри дека изменетото чувство за вкус може да влијае на некои луѓе со оваа состојба.

– Најчест знак е зголемената желба за слатки деликатеси, како што се колачите и чоколадите. Повторената склоност кон слатка храна, особено кон помеките текстури, како што се сладолед или пудинг, обично е примамливо, бидејќи е полесно за јадење за луѓето кои може да имаат тешкотии со џвакањето или голтањето како што напредува нивната деменција – објаснил тој.

Канани тврди дека слатката храна може да стане попривлечна за луѓето со деменција, бидејќи оваа состојба може да ја промени перцепцијата на вкусот, што доведува до склоност кон послатки намирници во однос на другите.

– Познатите слатки вкусови и текстури исто така можат да бидат извор на утеха. Позитивните сеќавања и емоции поврзани со одредени вкусови, дури и ако луѓето со оваа состојба имаат тешкотии да се присетат на одредени настани или искуства, може да ги привлечат кон одредена слатка храна – додал тој.

Меѓутоа, тој рекол дека не само склоноста кон слатката храна може да влијае на навиките во исхраната кај пациентите со деменција.

– Деменцијата всушност може значително да влијае на вашата перцепција за вкус, како и на вашите преференци за вкус – објаснил лекарот, а потоа нагласил дека промените во функционирањето на мозокот предизвикани од деменцијата влијаат на нашата сензорна обработка, која може да се манифестира на различни начини.

– Додека некои може да развијат склоност кон слатката храна, на пример, други може да изгубат интерес за јадење, да заборават да јадат или да ја изгубат способноста да препознаат кога се гладни или жедни – предупредил тој.

Ако ова е нешто што го доживуваат нашите најблиски, можеби треба да бидеме особено внимателни при планирањето на нивните оброци.

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот