Интервју со Јована Аврамовска: И по три години брак, Предраг сѐ уште ме освојува

Фото: Приватна архива

Иако публиката и денес сѐ уште ја памти како дел од екипата на „Фчерашни“, Јована Аврамовска сега е дел од проектот „Што го врти светот“.

Во интревју за „Слободен печат“, со Јована разговараме на повеќе теми: љубовта, бракот, мајчиството, по нешто и за убавината, тајните во кујната, предизвиците…

Изминатиов период сѐ повеќе си актуелна со твојот проектот „Што го врти светот“? Како почна целата приказна?

– „Што го врти светот“ е замисла којашто ја имавме во ЗМАИ уште една година пред да го споделиме со јавноста продуктот. Многу работиме на едукација и споделување на знаење во однос на финансиска писменост и развој на претприемнички и креативен начин на размислување. „Што го врти светот“ е нашата едукативна содржина која е и забавна за слушање, а има за цел да допре до луѓето, од сите делови низ Македонија, кои ги интересира што е она што во моментов го движи светот.

А, според тебе, што го врти светот?

– Според мене – луѓето. Луѓето со своите идеи, желба за создавање, споделувањето на знаењата и соработката. Никој од нас не би можел сам да го врти светот, па макар бил и најпаметен. Потребни сме си за да создадеме, споделиме и унапредиме и само заедно можеме да го туркаме светот во вистинска насока. Парите, технологијата, податоците се само средства кои можат да ни помогнат или одмогнат.

Фото: Приватна архива

Сепак, и денес сите те викаат Јована од „Фчерашни“, верувам дека ова е комплимент?

– Да, секако. Сѐ ми е комплимент што е во позитивна насока. Тоа беше еден од најквалитетните телевизиски проекти создадени кај нас, така што сосема е нормално. Чест ми е што бев дел од тој тим. Сега уживам да бидам дел од тимот на ЗМАИ и се надевам дека ќе се развивам во рамки на оваа приказна уште многу долго.

Ти недостасува ли времето на „Фчерашни“ и што најмногу памтиш од тоа време?

– Тоа беше супер време! Не знам дали ми недостасува, повеќе мислам на времето на „Фчерашни“ во насока на тоа дека направивме нешто многу добро заедно и имам убави спомени и многу убави пријателства.

Фото: Приватна архива

Кога не си пред камерите, што правиш приватно?

– Јас почесто не сум пред камерите, отколку што сум. Работам во Здружението ЗМАИ каде работиме на многу битни проекти и се трудиме да оставиме печат на македонското општество и систем преку секој од нив. А, цело време сум мајка на едно прекрасно дете и уживам во тоа. Заедно со Предраг навистина сакаме да се дружиме со Илин, додека и тој сѐ уште сака да се дружи со нас. Верувам дека децата имаат потреба од родителите особено во првите 5-6 години, а тие години некако пребрзо летаат… Реков дека луѓето според мене се најважни, така пробувам и да живеам. Што е можно повеќе време да поминувам со оние коишто ги сакам и ме сакаат.

Мајка, сопруга… најпрво колку време сте во брак со Предраг и со што те освои?

– Со Предраг сме во брак речиси 3 години, но заедно сме многу подолго. Со што ме освои? Уште ме освојува, со сѐ. Предраг е легендарен фраер.

Фото: Приватна архива

Како почна вашата љубовна приказна?

– Во град, на денска забава, па следеше многу дружење, љубов и музика. Мислам дека не е важно каде и како ќе почне некоја љубовна врска, туку колку ќе уживаме во неа. Конкретно со Предраг тоа ме привлече, знае што сака од животот, многу се смееме и надминуваме сѐ што треба заедно. Уште повеќе го засакав откако станавме родители, поради грижата што ја покажува и поради тоа што е тука со мене, дури и за оние нешта кои морав јас да ги правам. Секако, родителството, особено во првите година-две, е предизвик за секоја врска, има многу повеќе обврски, ненаспиеност и стрес, но секогаш е поубаво со него. Еден гостин убаво го опиша тоа: Ако дома ти е убаво, секаде ти е убаво.

Колку мајчинството те промени?

– Мајчинството не ме промени, туку ме врати во детството и ме потсети што ми било важно. Исто така, имам малку поголема самодоверба откако сум мајка. Секогаш сум имала несигурности, ги имам и сега. Но кога ќе го видам Илин стануваат небитни. Илин во септември ќе наполни 3 години. Уау! Од него научив како да си играм, како да не се нервирам за ситници, како да се смеам на најнормалните и најминималните нешта. Научив  многу за тоа колку е важно семејството и блиските.

Како ја одржуваш убавина, одиш ли на вежбање?

– Убавината ја одржувам со нега, обожавам секакви кремови и серуми. Одам на козметичар еднаш месечно од 27 години, но тоа е класичен третман, уште не сум се охрабрила за нешто повеќе. Не знам дали менува многу ова, повеќе го правам од што ми е убаво. Се трудам да вежбам и да се хранам здраво. Го сакам вежбањето и поради афтер-ефектот што го има врз расположението. Откако ќе извежбам, никој жив не може да ме изнервира.

Фото: Приватна архива

Колку често си во кујната, каква храна најчесто готвиш и имаш ли некој омилен рецепт?

– Поретко од што би сакала. Најчесто готвам зеленчук и месо во различни форми, ориз, правам манџички за Илин бидејќи ги обожава, секако пасти (од базилико до карбонара), азиска кујна и слично. За бургери и американска кујна задолжен е Предраг и тука подобро да не се мешам. Сакам традиционална кујна и готвење во група (мајки, татковци, баби, дедовци), како правењ еајвар и други зимници. Добро е што немам време да готвам, зошто најверојатно сите ќе имаме најмалку 10 килограми повеќе.

Оставаш впечаток на смирена личност, навистина ли си таква приватно и што најмногу може да те извади од такт?

– Се трудам да бидам, не сум секогаш. Понекогаш премногу се нервирам за политика (како чичко на фамилијарен ручек), а не треба. Ме вади од такт Марфи со тоа дека секогаш кога има најмногу вируси кои нормално нѐ фаќаат сите од Илин, до баба ми, тогаш има и најмногу работа, обврски, настани. Сепак, генерално се трудам да бидам поопуштена и да не викам многу, особено околу Илин.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот