Лекар од раководството на ковид-центарот за „Слободен печат“: Колегата кој работел со дефибрилаторот забележал чад

Пожар во модуларната болница во Тетово/Фото: EPA-EFE/STRINGER

Непосредно пред да избие пожарот во тетовската модуларна болница, во кој животот го загубија 14 лица, а 12 се повредени, лекар се обидувал да реанимира пациент, потврдува за „Слободен печат“ негов колега од раководството на тетовскиот ковид-центар кој сакаше да остане анонимен.

Според нашиот извор, кој е високо позициониран во организациската структура на тетовската болница, лекарот кога забележал дека има некој спој додека го користел дефибрилаторот, апарат за реанимација.

– Колегата забележал чад по што се јавил во техничката служба. Потоа ме известија и мене и додека стигнавме од другото одделение, за три-четири минути, го видовме пожарот. Не знам дали и дрво може толку брзо да изгори. Се се случи за пет минути. Сите стигнавме за кратко време. Таму беше хаос. Колегите пробале да спасат некои пациенти, извадиле надвор неколкумина. Некои роднини кои седеа надвор успеаја да ги спасат своите. Ние критикуваме што роднините се внатре, но тие и да не се внатре, сите се околу болница. Ние овде сме сите фамилијарно поврзани. Мене ме извести докторот дека при работа со дефибрилаторот забележал како да има некој спој, слушнал од под креветот. Од техничкиот персонал веднаш побара да се дојде во модуларната болница. Во исто време забележал и пламен, чад и така се тоа почнало, ни изјави докторот.

Според него, апаратот за реанимација бил нов, купен неодамна.

Имало медицински кадар кој учествувал во спасувачката мисија и кој завршил со тешки изгореници на дланките и рацете, а потребна им била и психолошка помош поради стресот од целата ситуација и преживеаниот шок.

Обвинителството ги истражува причините за настанатата несреќа и уште официјално ги нема соопштено ниту утврдено причините поради кои настана трагичниот пожар.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот