Лебот, млекото, месните и сувомесните производи нема да поскапат, денес се одлепуваат црвените гарантирани цени

Гарантирани цени во маркети / Фото: ,,Слободен печат'' - Драган Митрески

Производителите брифираат дека не може да гарантираат како ќе се однесуваат трговците, бидејќи сè додека не се донесе Законот за нефер практики, нивната маржа може да биде од 10 до 25 отсто на производната цена. Четири месеци цените на над 50 основни прехранбени производи од кои 90 отсто имаа ДДВ од 5 отсто, беа пониски за 10 отсто

Дел од најголемите домашни производители на млеко, млечни и сувомесни производи нема да ги поскапат цените на производите, чии цени во изминатите четири месеци беа гарантирано поевтини за најмалку 10 проценти од нивната цена во август лани, дознава „Слободен печат“ од свои извори.

Производителите брифираат дека не може да гарантираат како ќе се однесуваат трговците, бидејќи сè додека не се донесе Законот за нефер практики, нивната маржа може да биде од 10 до 25 отсто на производната цена. Можни поскапувања, сепак ќе има кај увозните сувомесни производи, чија цена исто така беше досега гарантирана. Што се однесува до гарантираната цена од 29 до 33 денари за основниот леб од 500 грама, некои фурни брифираат дека таа е ќе остане, бидејќи цената на брашното од лани досега е пониска за 10 денари и нема простор за скок на цените.

Деновиве е евидентно благо намалување на цените на доматите и на краставиците по маркетите, и тоа поради зголемената понуда. Покрај тоа, трговци за „Слободен печат“ брифираат дека добиле навестувања за можно поскапување на производните цени на некои безалкохолни пијалаци.

Вчера во маркетите немаше најави за нови ценовници на педесетината прехранбени производи чии цени од ноември добија црвена етикета за „гарантираност“. Раководителите на големите маркети добиле известување денес да дојдат половина час порано за да ги тргнат овие ознаки, но велат дека сè ќе биде појасно деновиве. Сепак, укажуваат дека во изминатите две недели, кај дел од млечните производи, конкретно сирењата, иако гарантирани, имало скок од 20 до 30 денари и тоа без образложение. Граѓаните прилично релаксирано ја прифатија најавата дека завршува мерката со гарантираните цени, и освен поединечни случаи, немаше некое зголемено „трупање“ храна.

Министерот за економија Крешник Бектеши пред некој ден официјално објави дека на 29 февруари завршува владината мерка. На списокот беа повеќе од 50 основни прехранбени производи од кои 90 отсто имаа ДДВ од 5 отсто.

Листата беше направена според анализите на Државниот завод за статистика за тоа што најмногу трошат граѓаните – ориз бел, во пакување од 900 g до 1 кг, брашно пченично тип 400 и тип 500, бел и полубел леб, векна, индустриски тип 450 грама (цел и на парчиња), со исклучок на свежо печен леб во маркетите, други пекарски производи, бисквити „Петит Бер“ и бисквити обични и посни од 300 до 500 грама, наполитанки, со фил од какао крем (обични, непрелиени) од 300 до 500 грама, тестенини (макарони и шпагети од тврда пченица обични) без и со јајца од 500 грама, јунешко месо без коски, од бут или некој друг дел, свинско месо без коски, од бут или некој друг дел, мелено месо свинско и јунешко, пиле свежо или замрзнато (цело), пилешки стек свеж или замрзнат, чаен колбас (јунешки, свински и говедски) без додатоци и без слајс пакување, пилешка посебна салама, паштета од џигер и пилешка (без додатоци) во пакување од 95 и 100 грама, трајно кравјо млеко (освен органско млеко и млеко со додатоци) со масленост од 2,8%, 3,2% и 3,5%, во пакување од 1 литар, јогурт од кравјо млеко обичен (без додатоци) со масленост од 2,8% до 3,2%, во пакување од 1 литар и 1,5 литар, кисело кравјо млеко (обично, без додатоци) со масленост од 2,8% и 3,2%, во пакување од 300 до 500 грама, павлака од кравјо млеко со масленост од 12% до 20%, во пакување од 180 или 200 грама, традиционално кравјо бело сирење и мешано бело сирење (без додатоци), традиционален кравји и мешан кашкавал, свежи јајца, свежо овошје и зеленчук.

Според владината одлука, трговците за вршење дејност производство и трговија на големо за овие производи требаше да одобруваат рабат и други надоместоци кон трговците на мало во висина до 5 отсто и не повеќе. Трговците имаа обврска производите/стоките кои се со намалена цена, да им ги продаваат месечно на маркетите во количина од најмалку 70 отсто од количината продадена во август 2023 година.

Забраната за нефер практики ќе ја ограничи трговската маржа на 10 отсто

Кога пратениците ќе се смилуваат да го донесат новиот Закон за забрана на нефер трговски практики во синџирот на снабдување земјоделски и прехранбени производи, со него ќе се регулираат 26 нефер трговски практики и тој се носи за првпат во државата.
„Во Законот исто така е наведено процентуално колку може да биде максималниот рабат што може маркетите да ги бараат од производителите и добавувачите што сега надминуваат над 30-40 од цената. Со ова решение ќе биде ограничено на 10% и врз основа на тоа, трговските синџири ќе си конкурираат меѓусебно, што ќе влијае во намалување на цените“ – најави министерот Бектеши.

 Кај што има пак да има!

Мерките што ги спроведуваше Владата за справување со кризата со цените на храната и енергијата спасиле значаен дел од доходот на домаќинствата, посебно на посиромашните, меѓутоа многу пари се потрошени за нетаргетирани мерки со кои им се овозможиле привилегии и на оние што можеле да сами да си ги подмират трошоците, покажа анализата на Институтот за економски истражувања и политики „Фајненс тинк“. Оттаму порачуваат дека субвенционирањето на струја и замрзнувањето на цените, треба да привршува.

Дел од трговците се согласуваат со констатацијата дека најголемо фајде од мерката имале побогатите граѓани со повисоки примања и укажуваат дека најголем скок на прометот имало при крајот на месецот, и тоа токму кога пензионерите и посиромашните живеат со броени пари!

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот