Ле Пен го турна Барние, но тешко ќе го собори Макрон

Ле Пен веќе два пати загуби од Макрон на претседателски избори - Фотографија ЕПА, Лудовик Марин

Јасно е дека ова нема врска со Барние, туку со нејзиниот обид да го собори и да го ослаби Макрон, очигледно заради реализирање на личната амбиција да стане претседателка, вели професорот Армин Штајнбах

Мишел Барние заминува во историјата на Франција како најкратковечен премиер, со мандат од едвај три месеци, но соборувањето на владата е само дел од многу поважната битка за Елисејската палата, па и за главната позиција во цела Европа.

Ултрадесничарската лидерка Марин Ле Пен ја држеше во политичко заложништво малцинската влада на центристот Барние уште од формирањето, и реши да ја собори сега, неполни четири месеци пред за неа клучниот 31 март – понеделникот на кој ќе биде објавена пресудата за неа во врска со злоупотреба на средства од Европскиот парламент. Обвинителите побараа затворска казна, но и петгодишна забрана за извршување јавна функција, што би ја елиминирала Ле Пен од претседателската трка во 2027 година.

Марин Ле Пен трипати се кандидираше за претседател и трипати изгуби – еднаш во првиот круг и двапати во директен дуел со Макрон. Но, аналитичарите се согласуваат дека Ле Пен сега е во најдобра позиција да го победи актуелниот претседател, чии центристи нанижаа два пораза – од здружената левица на парламентарните и катастрофалниот на гласањето за европратеници.

Единствената пречка на патот на Ле Пен до Елисејската палата е и несовладлива. Претседателот Макрон, наспроти политичкиот комар со распуштањето на парламентот во јуни, наспроти заобиколувањето на левицата кога го даваше премиерскиот мандат, па и наспроти брзата смрт на малцинската влада уценета од десницата, категорично тврди дека нема намера да се повлече од функцијата пред да му заврши мандатот во 2027 година.

Изгласувањето недоверба на владата на Барние е само првиот потег во деликатната игра на Ле Пен, во обид да изврши неиздржлив притисок врз Макрон, а во исто време да остави впечаток дека тоа го прави за спас на Франција, а не за своја лична политичка полза, коментираат аналитичари во Париз.

– Јасно е дека ова нема врска со Барние, туку со нејзиниот обид да го собори и да го ослаби Макрон, очигледно заради реализирање на личната амбиција да стане претседателка. Притискањето на изгласување недоверба на владата носи и значителен ризик, бидејќи луѓето сега се чудат дали таа навистина дејствува во интересите на земјата, или во сопствен интерес – изјави за Би-би-си Армин Штајнбах, професор на елитниот париски универзитет ХЕК.

Ле Пен сѐ уште дејствува воздржано, па дури и кажа дека таа „не е господарка на часовниците“ и дека не ја диктира агендата.

– Јас не барам оставка од Емануел Макрон – изјави Ле Пен, иако сите нејзини напади, вклучувајќи ги и аргументите за одбивање на буџетот предложен од Барние, се насочени кон убедување на јавноста дека претседателот е виновен и за политичката и за економската криза во Франција.

Екстремната десница го обвинува Макрон, пред сѐ, за распуштањето на парламентот во јуни, по кое на вонредните избори се издвоија три политички блока со релативно подеднаква сила. Филип Оливие, советник на Национален собир, во интервју за „Ле Монд“ го опиша Макрон како „паднат републикански монарх што со голи гради и јамка околу вратот води кин ново распуштање на парламентот“.

Барние, пак, падна поради напорите да ја стабилизира ситуацијата, претставувајќи штедлив буџет со цел да го намали галопирачкиот дефицит што надмина 6 отсто од бруто-домашниот производ. Премиерот, како и неколкупати претходно во својот кус мандат, прифаќаше услови што ги поставуваше десницата за да може да протурка мерки, но категорично се спротивстави на барањето што го загрозуваше буџетот.

– Буџетот не е список на желби – изјави Барние, пред да се повика на членот од Уставот што му овозможува да го наметне буџетот без поддршка од мнозинството во Народното собрание.

Истиот член им отвори можност на партиите итно да побараат гласање за недоверба на владата, а тоа го прифатија и десницата и левицата.

Последна шанса за Ле Пен да влезе како претседателка во Елисејската палата – Фотографија ЕПА, Кристоф Пти Тесон

Жешкиот костен повторно е во рацете на претседателот Макрон, кој според Уставот мора да чека една година, до јуни в година, за да го распушти повторно парламентот. Макрон ќе може да ги провоцира политичките противници и повторно да му го додели мандатот на Барние, што е најмалку веројатно, или да притиска на создавање ново мнозинство од центристите, заедно со некој од поумерените партии во левичарскиот блок. Ако центристите не успеат да го разбијат кревкото единство на левичарите, Франција ќе мора да добие технократска влада што ќе ја води земјата барем до јуни, односно до новите вонредни избори. Владеењето со несоодветен буџет може само да ја продлабочи финансиската криза и да го зголеми притисокот врз Макрон да се повлече. Таквата опција е најпосакувана и од Национален собир на Ле Пен, но и од граѓаните. Според резултати од нова анкета, дури 62 отсто од граѓаните на Франција сметаат дека претседателот треба да поднесе оставка ако падне владата на Барние.

Ако Макрон по некој случај реши да се повлече, изборите за претседател би морало да се одржат во рок од 30 дена. И додека на Макрон му одговара да остане на власт што е можно подолго, на Ле Пен ѝ се брза повторно да го предизвика претседателот, не само поради судската одлука на 31 март, туку и поради тоа што е загрозена нејзината лидерска функција во партијата. Аналитичарите се убедени дека ако Макрон издржи во Елисејската палата до 2027 година, нема да биде предизвикан од Ле Пен, туку од 29-годишниот енергичен и ултрапопуларен Жордан Бардела, кој засега го следи развојот на настаните од безбедно растојание, како европратеник.

Можните последици од дуелот помеѓу Макрон и Ле Пен ги надминуваат границите на Франција. Европската Унија ќе трпи голема политичка и економска штета ако Франција, една од локомотивите, половина година е без функционална влада, со огромен дефицит. Времето е критично, бидејќи во „дефект“ е и другата и помоќна европска локомотива – Германија, која во февруари ќе избира наследник на канцеларот во заминување Олаф Шолц. Товарот на Европа ќе се зголеми и порано, на 20 јануари кога претседателска заклетва во Вашингтон ќе даде Доналд Трамп – човекот што упорно ѝ се заканува на Европа со трговски тарифи, а на Украина со повлекување на огромната помош во оружје и пари за војната со Русија. Најголемиот товар од промената на американската политика за Украина би паднал врз плеќите на Франција, најголемата воена сила и во Европската Унија.
Макрон ја успокојува јавноста со изрази на доверба во моќта и капацитетите на државата.

– Не треба да ги плашиме луѓето со вакви работи, имаме силна економија. Франција е богата и цврста земја, која спроведе многу реформи и се придржува до нив, со стабилни институции и стабилен Устав – изјави Макрон од Саудиска Арабија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот