Курти: Кој е судијата што го пушти од притвор полицаецот осомничен за тероризам? Тоа е неприфатливо

Албин Курти
Албин Курти / Фото: EPA-EFE/VALDRIN XHEMAJ

Косовскиот премиер, Албин Курти изрази негодување поради денешната одлука на надлежен суд во Приштина да му ја смени мерката притвор со мерка домашен притвор на поранешниот припадник на косовската полиција, Дејан Пантиќ, кој беше уапсен пред дваесетина дена како осомничен за подготвување вооружени напади врз општинските изборни комисии и полициски патроли во северно Косово.

Во обраќање пред новинарите, Курти попладнево изјави дека би сакал да знае „кој е тој судија” кој го пушти од притвор Пантиќ, кој се сомничи за терористички дејствија.

„Кога имате обвинение за тероризам да пуштиш некого во домашен притвор …?! Јас само би сакал да знам кој е обвинителот кој го побарал тоа и кој е тој судија од претходна постапка што тоа го прифатил,“ изјави Курти.

Апсењето на Пантиќ беше повод за поставување барикади од страна на локалните Срби во општините во северно Косово со мнозинско српско население и за блокада на патиштата кои водат кон граничните премини Јариње и Брњак меѓу Косово и Србија.

Информацијата за промена на мерката 30-дневен притвор, изречена на 12 декември, во мерка куќен притвор, во изјава за медиумите ја потврди портпаролката на Основниот суд во Приштина, Мирлинда Гаши.

„На барање на Специјалното обвинителство (на Косово) за промена на мерката притвор со куќен притвор, судот го одобри барањето и ја промени мерката“, изјави Гаши.

Дејан Пантиќ, поради чие апсење Србите пред 19 дена подигнаа барикади на северот од Косово, ќе биде пренесен во домашен притвор, одлучи судот во Приштина.

Никола Недељковиќ, пак, кој помина шест месеци во притвор под обвинение за „поттикнување етничка омраза и нетрпеливост“, денеска беше пуштен на слобода.

ВИДЕО | Недељковиќ пуштен на слобода: Бев во затвор само затоа што сум Србин

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот