Круг Филм: Почна снимањето на филмот „Живи и здрави“

Месецов почна снимањето на црногорскиот филм „Живи и здрави“ по сценарио и во режија на Иван Мариновиќ и во копродукција на македонскиот „Круг Филм“. Ова е втор филм на Мариновиќ.

Во продукцијата е црногорскиот „Адриатик вестерн“, а во копродукција се Марија Стојановиќ од српската „Сенс продукција“, Дејан Крајчевски од „Круг Филм“, Вероника Кухрова и Михал Крачмер од чешки „Аналог визија“, Анкица Јуриќ-Тилиќ од хрватската „Кинорама“ и Јожко Рутар од словенечкиот „Спок филм“.

Во филмот играат македонскиот актер Никола Ристановски, како и Тијана Лазовиќ, Горан Славиќ, Момчило Пиќуриќ, Горан Богдан, Сњежана Шишков-Синовчиќ, Дејан Ѓоновиќ, Мирјана Јоковиќ и Драгана Дабовиќ. Автор на музиката е македонскиот композитор Тони Китановски.

Приказната е за идна невеста која одбива да се мажи, па безмилосниот патријарх на семејството на младоженецот ѝ предлага да ја одглуми свадбата и следниот ден да оди каде сака. Невестата се согласува, иако младоженецот се надева дека таа ќе остане. Традиционалната свадба вбројува апсурдни настани, потопени во алкохол, пукотници и динамит, што ќе ги изнесе на виделина најлошите карактеристики на ликовите.

Проектот е поддржан од Филмскиот центар на Црна Гора, Филмскиот центар Србија, Чешкиот филмски фонд, Хрватскиот аудиовизуелен центар, Агенцијата за филм на С Македонија, Словенечкиот филмски центар, „Creative Europe MEDIA“, „SeeCinema Network“, „Eurimages“, „Порто Нови“, Туристичката организација на Херцег Нови и општина Херцег Нови.

Снимањето ќе заврши на 23 јуни, а ќе се одвива на локации во Црна Гора, во градовите Херцег Нови и Игало, како и на полуостровот Луштица.

(Текстот е објавен во ТВ и Филмски печат на 20 мај 2022 во весникот „Слободен печат“)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот