Крстосница во Карпош 1 небезбедна за сообраќај, се бара решение

Фото: Слободен печат

Стручните служби ќе излезат на самото место и ќе ја утврдат фактичката состојба, и доколку постои можност, ќе биде изработен Основен сообраќаен проект, велат од Општина Карпош

Крстосницата помеѓу улиците Никола Тесла и Бранислав Нушиќ во населбата Карпош 1 по бројот на сообраќајни несреќи што тука се случуваат многу често, претставува црна точка во овој дел од градот. Жителите велат дека низ годините на ова вкрстување на двете улици, од кои едната е еднонасочна, се изнагледале сѐ и сешто, од најмало „потчукнување“ на две возила, па до превртени автомобили. За среќа, како што велат, досега немало жртви, но е многу небезбедно, особено за пешаците.

Веќе знаеме кога сме дома и кога ќе чуеме силен удар дека повторно се случила сообраќајка. Брзо се вози, никој не почитува сообраќајни правила. Многу често при судирите страдаат и паркираните возила, а откорнати се и столпчињата на тротоарите. Удирале коли и во дрвјата, завршувале и во зеленилото и на покрив превртени. Мислам дека е крајно време нешто да се преземе, да се зголеми безбедноста на оваа крстосница – раскажува Александар, кој живее во една од зградите во близина.

Тој објаснува дека на крстосницата има сообраќајни знаци, но очигледно никој не внимава на првенството за минување, ниту на брзината со која вози, иако станува збор за сервисни улици. Доколку би било поинаку, како што вели, тогаш не би имало толку сообраќајни несреќи на раскрсница што и не е многу фреквентна.

Од Општина Карпош, на прашањето од „Слободен печат“ дали планираат да преземат нешто за да се зголеми безбедноста на оваа крстосница, на пример, да се постави семафор или да се подигне нивото на асфалтот на крстосницата за да се забави сообраќајот или, пак, да се постават лежечки полицајци на Бранислав Нушиќ, велат дека предлогот ќе биде разгледан и дека нивните стручни служби на терен ќе ја утврдат состојбата.

Во врска со прашањето околу обезбедување побезбеден сообраќај на територијата на Општина Карпош, во конкретниот случај улицата Бранислав Нушиќ, предлогот ќе биде разгледан и се надеваме позитивно решен. Тоа значи дека би се решило со поставување семафор или забавувачи на брзината. Стручните служби ќе излезат на самото место и ќе ја утврдат фактичката состојба и доколку постои можност, ќе биде изработен Основен сообраќаен проект. Врз основа на изготвената градежно-техничка документација, Град Скопје издава Решение за утврдување на траен режим на сообраќај одобрено од страна на СВР Скопје – објаснуваат од Општината.

Оттаму додаваат дека по добивање на решението, Општина Карпош тоа ќе го спроведе на терен.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот