Крајот на „вечното“?

Ѓорѓи Тоновски, Фото: Архива

Засега единствено средство за прочистување, за жал, се судниците во кои би требало да се донесат пресуди за сторени злосторнички дела од целокупниот раководен врв на ВМРО-ДПМНЕ, па по сила на закон да мораат да се дистанцираат од нивните ненаситни аспирации и амбиции за продолжување на нивната политичка кариера.

Conditio sine qua non на новата политика на партијата ВМРО-ДПМНЕ би требало да биде да се ослободи од кадрите кои се носители на нејзиниот лош имиџ од самиот почеток на нејзиното конституирање, па до денес. Тоа е, всушност, она кадровско јадро на овој политички субјект, чии припадници во јавноста се познати како фашисоидни (во помека варијанта или како фашистички ориентирани политичари (фундаментални груевисти). Во судските расправи се познати како злосторнички здружувања кои извршиле злосторнички дејанија по наредба на нивниот избеган вожд. Тој, пак, додека тие се влечкаат по судските аули, ги ужива благодетите на коруптивните зделки и украдените народни пари по будимпештанските хотели од највисоки категории. Претходно, сигурно пред полициско-безбедносните истражители на унгарската разузнавачка служба си ја „испразнил душата“ од сите безбедносно значајни податоци со кои располагал за нашата држава, но и за соседните балкански држави, а потоа се впуштил во задоволствата на убавиот живот што го нудат будимпештанските кафеани и хостеси. За тоа време, неговите верни „пајташи и во добро и во зло“ седат во судниците и не сфаќајќи што им се случува, ја чуваат „чистотијата на неговото дело“ и го чекаат „денот Д“ кога некоја непозната сила повикана од новиот вожд (заколнат служител на Никола Груевски) ќе им ги прости гревовите и ќе ги извлече од „казаматите”. Засега единствено средство за прочистување, за жал, се судниците во кои би требало да се донесат пресуди за сторени злосторнички дела од страна на целокупниот раководен врв на ВМРО-ДПМНЕ, па по сила на закон да мораат да се дистанцираат од нивните ненаситни аспирации и амбиции за продолжување на нивната политичка кариера. Или можеби, ако е толкава доблеста на партискиот колективен ум, да им се каже дека нивната политика се сведе на автократско владеење со фашистички методи. Таква храброст засега не е забележена во партискиот амбиент.

Реформските сили се маргинализирани, врвното одлучување уште е сопственост на групата која беше и сè уште е перјаница на фашистичката идеологија. Тоа се оние кои немаат нити ден обичен работен стаж, имаат само функционерски стаж, 30-годишен стаж во највисоките партиски и државни органи и тела (слично како, од нив сатанизираните комунистички функционери кои, по се изгледа, им биле и им останале идоли). Јавачите на апокалипсата можат да јаваат само во апокалиптични околности. Колку полошо за народот, толку подобро за нив. „По мене – потоп“. Битно е по секоја цена да трае политичката кариера, без неа се осудени на пропаст, „позајмените пари од народот“ брзо се трошат, а занает нема… „Засучување на ракавите“ е непознаница за нив.

За жал, ваквата логика и функционирање во вака поставеното ВМРО-ДПМНЕ е сè уште доминантно. А мора да се менува, современиот живот бара поинаков ангажман и патриотизам. Бара знаење и почитување на цивилизациските вредности и човечки квалитети. Но за менување на нештата е потребна демократска акција, или, ако неа ја нема тогаш останува моќта на изборите. Демократските и фер изведени политички избори остануваат, за жал, единствената можност за „прочистување на крвта – кадровската пирамида”. Изборна листа со имиња на нови цивилизирани, едуцирани, социјализирани и успешни во својата професија (без универзитетски дипломи кои се добиле со помош на политиката) млади луѓе се голема шанса за некакво поправање на урнисаниот рејтинг на ВМРО ДПМНЕ (она на Груевски и ова на Мицкоски). Но изборите, во исто време, треба да бидат и начин да се прочисти „политичкиот воздух“, политичките субјекти да понудат нови демократски провинеирани идеи за општествениот развој и да ја проверат својата позиција кај електоратот.

П.С. Деновиве Обвинителството најави уште еден можен судски процес. Овој пат истрагата е со наслов „Моќник“. Станува збор за можни злосторнички дејанија, извршувани од страна на еден моќен (би рекле и досега вечен) пратеник во парламентарните групи на ВМРО-ДПМНЕ. Велат дека во обвинението се споменува и познатиот монструозен Инквизитор од Битола, Томе Аџиев, чиј господар и „телефонски“ наредбодател е моќниот пратеник.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот