ФОТО | Ненадминливите „Крафтверк“ приредија мултимедијален спектакл во Скопје – по пет децении, сѐ уште звучат како иднината

Германските пионери „Крафтверк“ во петокот, на 25 јули, одржаа концерт на Стадионот на АРМ во Градски парк – нивната децениска визија за светот сè уште звучи како иднината.

Скопје годинава се најде на мапата на актуелната турнеја „Multimedia 2026“ на германските пионери на електронската музика, „Крафтверк“. Настапот беше дел од фестивалот „Skopje Calling“, во организација на „Авалон продукција“, и беше трет концерт на бендот во македонската престолнина, по гостувањето на Скопскиот саем во 2005 година и 3Д-спектаклот во арената „Борис Трајковски“ во 2018 година. Овојпат, првпат во Скопје, настапија на отворено.

Таквиот простор му даде поинаква широчина на нивниот внимателно конструиран аудиовизуелен свет. Познатите песни беа придружени со препознатливите геометриски форми, анимации, бројки, мапи, типографија и архивски снимки, кои одамна не се само сценографија, туку составен дел од идентитетот на „Крафтверк“. Во една од проекциите се појави и Скопје – прво плоштадот Македонија, а потоа и стадионот на АРМ. Тоа беше мал, но ефектен локален потпис, со кој градот накратко стана дел од нивната прецизно исцртана визуелна географија.

Концертот на „Крафтверк“ е вистински пример за Gesamtkunstwerk, односно тотално уметничко дело во кое музиката, визуелната уметност, дизајнот, типографијата, архитектурата на сцената, на чело со изведувачите, се дело од една единствена замисла. Ништо не е случајно и нема непланирано движење, затоа и воопшто не зачудува фактот што тие не сакаат друга музика пред нивниот настап.

Без доцнење, на огромниот екран почнаа да се редат бројки, додека мажите-машини стоеја на своите конзоли како оператори на контролниот систем кој штотуку се активира. Со спојот на „Numbers“, „Computer World“ и „Computer World 2“, Стадионот на АРМ за неколку минути беше внесен во естетиката на бендот и ритамот кој води во една беспрекорно организирана информација.

Еден од првите големи визуелни моменти дојде со „Spacelab“. Проекцијата тргна од вселената, се приближуваше кон Земјата, а потоа и кон местото на концертот. Кога на екранот се појавија плоштадот Македонија и стадионот на АРМ, реакцијата на публиката беше еуфорична.

По „Ätherwellen“ и краткиот инструментален премин „Tango“, пристигнаа „The Man-Machine“ и „Electric Café“, две композиции што ја содржат суштината на нивната уметничка идеја. Човекот и машината кај „Крафтверк“ постојано се приближуваат, се имитираат и на крајот, тешко се разликуваат.

„Autobahn“, „Computer Love“, „The Model“ и „Neon Lights“ внесоа поинаква емоционална температура бидејќи овие нумери докажуваат дека често повторуваната претстава за „Крафтверк“ како „студен“ бенд е премногу едноставна. Зад роботизираните вокали и повторувачките секвенци се појави ранливоста на еден осамен човек, празен град и технологија што овозможува поврзување, но не ја гарантира блискоста.

Токму тогаш пристигна и најемотивниот момент на вечерта, кога Хитер проговори за Рјуичи Сакамото. Тоа кратко обраќање беше ретко отстапување од прецизно програмираниот тек на настапот. Никогаш, во својата историја, „Крафтерк“ не отстапиле простор за кавери од други музичари, но во чест на јапонскиот композитор, за кого Хитер откри дека одржувале пријателство од моментот кога се запознале, бендот во знак на почит ја изведе култната „Merry Christmas, Mr. Lawrence“. Нежната пијано-мелодија, пренесена низ електронскиот јазик на групата, ја стави емоцијата на пиедестал.

Од таа посвета концертот премина во сигналите на „Geiger Counter“, а потоа и во „Radioactivity“ – песна што со текот на годините доби и изменети стихови, во чија адаптација учествувал и Сакамото.

Механичкиот ритам, имињата на местата поврзани со нуклеарни трагедии и предупредувањата на екранот создадоа атмосфера во која технологијата повеќе не беше забавна, корисна или естетски привлечна, туку сериозно предупредување и апел.

По „Radioactivity“, транзитот во „Tour de France“ ја размрда физичката енергија. Велосипедизмот со децении е голема страст на Ралф Хитер. Тој и Флоријан Шнајдер почнале интензивно да возат кон крајот на седумдесеттите години, понекогаш поминувајќи и стотици километри дневно. Хитер во 1982 година доживеал сериозна велосипедска несреќа, но ниту тоа не го оддалечило од спортот. Неговата опседнатост се преточила во синглот „Tour de France“ од 1983 година, а потоа во албумот „Tour de France Soundtracks“ од 2003 година. Дел од визуализациите и звуците се нивна лична архива, па затоа во концертната изведба, звукот на дишењето, вртењето на педалите и механиката на велосипедот воопшто не се „само ефекти“.

Следуваше моќниот спој на „Trans-Europe Express“ со „Metal on Metal“ и „Abzug“, а потоа следуваа „Pocket Calculator“ со „Dentaku“, па „Vitamin“ и „Planet of Visions“, пред завршниот блок составен од „Boing Boom Tschak“, „Techno Pop“ и „Musique Non Stop“.

Во цториот дел можеше најјасно да се слушне колку различни музички правци должат нешто на творештвото на „Крафтверк“  и звукот што  го развиваат со децении.

Она што навистина изненади е фактот дека „Vitamin“ беше изведена единствено во Скопје. Ако ја погледнете листата на изминатите концерти, речиси секаде на нејзино место е изведена „La Forme“, но поради некоја причина, во Скопје се одлучија за „Vitamin“.

Откако впечатливо, еден по еден член, пресметано и контролирано се одјавуваше на „Musique Non Stop“, бендот за „фајрон“ се врати со „The Robots“.

Очекуваното финале не донесе изненадување, но во нивниот случај изненадувањето воопшто не е неопходно затоа што целиот настап се темели на ритуал, препознатливост и совршена контрола на деталите, и тоа беа моменти кога еуфоријата кај публиката беше најголема и сеприсутна.

„Крафтверк“ понудија ретко кохерентен концерт во нивниот затворен систем, во кој ја повикуваат публиката да влезе во него, а Скопје покажа дека го сака и почитува нивниот систем. Остана впечатокот дека иднината што ја замислувале во седумдесеттите и осумдесеттите веќе пристигнала, но сепак, и понатаму звучат како да доаѓаат од некое време што допрва треба да започне. Затоа и би ги испочитувале уште многупати.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот