Козара остана со дупки, чека градежниците да ја завршат Ленинова
Помина 10 јули, денот кога според последната најава од Општина Центар требаше по третпат да биде асфалтирана улицата Козара во Капиштец, во рок од неполна година. Но на улицата работите не се променети. И понатаму има оштетувања и дупки на асфалтот по вторпат поставен во декември минатата година, „збогатени“ со сечења на асфалтот што веројатно дополнително се прават како подготовки за ново асфалтирање.
Препорачано
За отстранувањето на проблемите на улицата Козара настанати при нејзиното асфалтирање краен рок е 10-ти јули – одговорија неодамна од Центар за „Слободен печат“.
Реконструкцијата на улицата започна на крајот од јули 2022 година и ја изведуваше компанијата „Гама градба“. Улицата беше во очајна состојба, со многу оштетен асфалт, поради постојаните копања и прекопувања за поставувања инсталации, но и поради тешките товарни возила и механизација што се движеа по улицата во изминатите години, кога на Козара истовремено се градеа неколку згради. Изградбата на нови објекти на местото на некогашните куќи сѐ уште трае.
И кога започнуваше реконструкцијата и сега остана нејасно зошто беше потребно да се прави реконструкција на Козара и да се трошат општински пари, кога на оваа улица сѐ уште се гради, а според најавеното, обновата би чинела нешто повеќе од 8 милиони денари со вклучен ДДВ, односно околу 130.000 евра. Реконструкцијата ја најави екс градоначалникот Саша Богдановски, со образложение дека тоа го барале жителите, а започна во мандатот на Горан Герасимовски.

Но градежните работи не одеа како што се планираше и жителите во изминатата година видоа сѐ и сешто – од затрупани сливници и шахти со асфалт, до нерамен асфалт под нивото на шахтите, за после второто асфалтирање да посведочат и на оштетувања на коловозот кои се појавија по првиот пообилен дожд.
Не верувам дека некогаш ќе се поправи улицата, не верувам. Ај што со месеци правеа, асфалтираа, па пак асфалтираа, па дупки се отворија, сега е ужас повторно. Се изнаголтавме прашина летово – вели една од жителките на улицата.
По реакциите и револтот на жителите насочени кон Општина Центар, во чија надлежност е оваа улица, оттаму пред неколку месеци најавија и трето асфалтирање, кое доколку не е успешно на фирмата немало да и бидат исплатени договорените пари за реконструкцијата.
Излеговме на терен, констатирано беше дека асфалтот не е квалитетен и, според договорот, укажано беше да се повтори постапката односно да се асфалтира од почеток, меѓутоа и вториот асфалт не беше во ред. Затоа Општината нема да исплати средства по таа основа, па сега бараме начин да направиме нова набавка и да се јави друг изведувач, а постапката ние со него на суд да ја продолжиме. Ништо не исполни согласно договорот и друг начин освен неплаќање и продолжување на судска постапка немаме – објасни тогаш Герасимовски.
Сепак, работата не заврши на суд и на „Гама градба“ ѝ се даде и трета шанса на Козара. Во февруари пак истата фирма започна да ја реконструира и улицата Ленинова, на потегот од булеварот Партизански одреди до булеварот Митрополит Теодосија Гологанов. Од Центар велат дека таму се завршени околу 80 отсто од целосната реконструкција, која во согласност со рокот за изведба, треба да биде готова заклучно со 7 август.
Веднаш штом започна обновата на Ленинова, побаравме одговор дали ќе се чека „Гама градба“ да ги заврши работите на оваа улица, па да се врати на Козара. Оттаму ни одговорија дека фирмата паралелно ќе работи на двете улици, но тоа не се случи.
Како што стојат работите, сепак ќе се почека да заврши реконструкцијата на Ленинова, а потоа жителите на Козара ќе мора да истрпат уште едно асфалтирање, со надеж дека ќе биде последно.


