„Козара“ ќе се асфалтира и по третпат, „Гама градба“ ќе ги добие договорените 130.000 евра ако „зафатот“ помине успешно

улица Козара/Фото: Слободен печат

Улицата „Козара“ во Капиштец ќе остане запаметена како улица која за половина година трипати се асфалтира. Двапати поставувањето на асфалтот беше неуспешно, па така по принципот „стави-извади“ реконструкцијата која започна минатото лето можеби ќе финишира до крајот на месецов, доколку фирмата „Гама градба“ конечно успее да ја асфалтира како што треба.

Жителите на „Козара“ во изминативе месеци видоа сѐ – од затрупани сливници и шахти со асфалт, до нерамен асфалт под нивото на шахтите, за после второто асфалтирање да посведочат и на оштетувања на коловозот кои се појавија по првиот пообилен дожд. Нивните реакции и револт разбирливо се насочени кон Општина Центар, во чија надлежност е оваа улица, од каде пак очекуваат дека третото асфалтирање ќе биде успешно, за на фирмата да и бидат исплатени договорените пари за реконструкцијата.

Денеска градоначалникот Горан Герасимовски посочи дека фирмата е избрана на јавен повик уште пред неговото доаѓање на чело на Општината и дека досега „Гама градба“ веќе има завршено две улици во Дебар Маало и ја изведува реконструкцијата на „Козара“.

 Надзорот си ја врши својата работа, има направено грешка во изведбата во поставувањето на асфалтот. Технички прием не е направен на улицата, во моментов не е исплатена фирмата. Чекаме до крајот на месецот улицата да биде завршена. За тоа како ја добиле јавната набавка гледам одредени написи дека градоначалникот ја дал јавната набавка. Градоначалникот не дава јавна набавка, тоа си оди на тендер, си има одредени услови, има наддавање и слично. Во моментов е почната улицата Ленинова, која што ја прави истата фирма, има одличен надзор кој секојдневно е на терен, за во иднина да не се повтори каква било грешка. Доколку грешките на „Козара“ не се коригираат, при правење на технички прием на улицата ќе и се даде негативна референца – рече Герасимовски.

Тој нагласи дека парите на граѓаните се заштитетни со тоа што фирмата не е исплатена, а исплатата ќе се изврши кога ќе биде улицата целосно реконструирана и доколку надзорот покаже дека сѐ е во ред.

Пред еден месец, во одговор на коментар на жител на оваа улица, Герасимовски рече дека се бара начин да се изврши нова набавка, за нов изведувач, а дека постапката со „Гама градба“ ќе продолжи на суд.

Излеговме на терен, констатирано беше дека асфалтот не е квалитетен и, согласно договорот, укажано беше да се повтори постапката односно да се асфалтира од почеток, меѓутоа и вториот асфалт не беше во ред. Затоа Општината нема да исплати средства по тој основ, па сега бараме начин да направиме нова набавка и да се јави друг изведувач, а постапката ние со него на суд да ја продолжиме. Ништо не исполни согласно договорот и друг начин освен неплаќање и продолжување на судска постапка немаме – објасни тогаш Герасимовски.

Сепак, работата нема да се „тера“ на суд и на „Гама градба“ ќе и се даде и трета шанса на Козара, за чија реконструкција, според договорот, ќе треба на крајот и се исплатат 130 000 евра. Во меѓувреме, на почетокот на февруари, Општина Центар со фирмата склучила и анекс на договорот во вредност од 22 000 евра, според кој фирмата треба да ги направи и краците на улицата.

Неодамна „Гама градба“ започна да ја реконструира и улицата „Ленинова“. Останува да се види дали асфалтирањето на оваа улица ќе помине „од прва“.

Улицата Козара двапати неуспешно се асфалтираше, сега проблемот со изведувачот ќе се решава на суд

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот