Ковачевски: Со ветингот почнуваме по 8 мај, јас и моите колеги ќе бидеме први во таа проверка

Димитар Ковачевски, претседател на СДСМ/Фото: Слободен печат/Слободан Ѓуриќ

„Конечно мора да се направи разлика помеѓу чесните и нечесните, помеѓу способните и неспособните! Конечно, мора да се стави крај, луѓето со лажни дипломи и криминално работење да бидат успешен пример, а чесните и скромните да патат! Доста е! Мора да одговараат, да се соочат со правдата“ рече претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски на централниот митинг во Скопје.

Тој додаде дека за тоа мора да се даде личен пример и затоа ветингот ќе започне со него и неговите колеги, кои ќе бидат први во проверката за да покажат чесност, ред и правда.

„Нема повеќе одложување на ветингот. Кој сака еврокомесар нека се јави, одложување повеќе нема да има. Секој што бил или сака да биде на позиција ќе мора да докаже од каде му е имотот. Како го заработил? Како од плата успеал да купи куќи, станови, скапи автомобили? Ќе има ветинг за судиите и обвинителите, но и за пратениците, министрите, директорите и другите раководители“ рече Ковачевски.

Претседателот на СДСМ додаде дека само така ќе потврдиме дека се залагаме за европски систем и европски вредности во Македонија, бидејќи не се сите политичари и функционери исти.

Кандидатите за пратеници од листата на Коалицијата за европска иднина/Фото: Слободен печат/Слободан Ѓуриќ

„Со заеднички сили ќе ја придвижиме државата кон Европската Унија. За тоа нудиме и бараме национален консензуз, за да се спротивставиме на силите и луѓето кои сакаат Македонија да ја направат повторно, своја приватна фирма, свој криминален вилает, за да крадат и грабаат“ рече претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски на централниот митинг во Скопје.

Тој додаде дека додека СДСМ работи на внесување на државата во НАТО и отворање преговори со ЕУ, Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ ги заплашуваат граѓаните дека ќе сме останеле без јазик, без идентитет и без култура.

„Докажавме дека таква опасност не постои. Македонскиот јазик е зачуван! Македонскиот идентитет не е чепнат! Македонската култура е призната и препознаена во целиот свет“ рече Ковачевски.

Претседателот на СДСМ додаде дека ВМРО-ДПМНЕ на чело со нивниот лидер е истото ВМРО-ДПМНЕ кое на чело со Груевски 11 години ја зароби државата внатре, а ја изолираше надвор.

„Тоа е Македонија-држава на стиропор, на насилници, на криминалци, заплашени медиуми, купени медиуми, на шепотење и страв“ рече Ковачевски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот