Ковачевски: Амнестија за предметите на СЈО и за „27 април“ ќе нема

Фото: Фејсбук Ковачевски

Ниту со измените на Кривичниот законик, ниту со новиот закон за амнестија осудените од предметите на СЈО ќе излезат на слобода, ниту наскоро ќе им застарат делата, одговори премиерот

Амнестија за случаите од поранешното Специјално јавно обвинителство (СЈО), за „27 април“ и за актуелни функционери за договор за двотретинско мнозинство ќе нема со новиот закон за амнестија, дециден е премиерот Димитар Ковачевски. Ковачевски повтори дека ниту измените на Кривичниот законик не биле договорени за осудени од предметите на СЈО да излезат на слобода, ниту за што поскоро да им застарат делата.
Од ова произлегува дека не се правеле какви било договори помеѓу ДУИ и СДСМ со Груевски за да поминат уставните измени. Токму владиниот партнер Алијанса за Албанците претходно предупреди дека ќе нема влада ако се амнестираат осудените за „27 април“, по што Груевски и Мицкоски влегоа во отворена војна со меѓусебни обвинувања дека имало средби и договори за амнестија на осудените за „27 април“.

Ковачевски повторно ги упати новинарите на истражувачко новинарство

– Одговорот е не. Законот за амнестија што го подготви Министерството за правда е веќе поминат еднаш на владина седница и со цел усогласување со секторот законодавство, оставен е простор уште седум дена административно да се усогласи и ќе биде доставен до Собранието. Од пратениците зависи дали, во која форма и кога ќе биде донесен. Министерот за правда детално образложи дека законот се однесува за одредена категорија затвореници и осуденици што се на издржување затворски казни и точно е наведено за што не се однесува – изјави Ковачевски.

На новинарско прашање дека евроамбасадорот Дејвид Гир за измените на Кривичниот законик изјавил дека има сомнеж дека се охрабрува неказнивоста, Ковачевски и тоа го демантираше.

– Тоа не е точно апсолутно, бидејќи овие закони се усогласени со практиките на ЕУ. Ние сме држава што се стреми кон ЕУ. Кога ќе го видите Кривичниот законик со последните измени, ќе видите дека станува збор за идентичен закон на законодавството во Германија, Франција, во Словенија и во однос на одредбите и во однос на висината на казни. Во шпекулациите што се ширеа нема никаква вистина. Тоа се потврди, бидејќи и по еден месец од донесувањето на измените, гледате дека ништо драматично не се случи, ниту некој бил амнестиран за нешто, туку продолжуваат процеси врз основа на 422 члена по коишто секој може да биде гонет – вели Ковачевски.

За да докаже дека измените на КЗ се усогласени со законодавството на ЕУ, Ковачевски повторно ги упати новинарите на истражувачко новинарство.

– Еве, јас ќе ви поставам прашање: јавете се во Брисел кога во ЕУ-парламентот ги фатија дека местеле доделување организација на Светското првенство во фудбал и проверете по кој член од КЗ ги гонат. Дали се во притвор, по кој основ или можеби не се, како што се одвиваат судските случаи. Ние сакаме да бидеме членка на ЕУ, дајте да ги видиме тамошните практики. Дали има политичари или директори на фирми што се обвинети за неусогласено работење со процедури? Дали се во притвор девет години или додека трае процесот одат по атлетски митинзи и трчаат по Шанзелизе – вели Ковачевски.

За кавгата помеѓу Груевски и Мицкоски, премиерот изјави дека не сака да коментира динамика во други партии. За него е клучно сите да се обединиме во градење европска држава, да се донесат одлуки што ќе значат просперитет за државата, да се отвори патот кон полноправно членство во ЕУ.

– Верувам дека во опозицијата има луѓе што сакаат да ја видат државата во ЕУ. Ако некој ја увидел грешката од изолација на државата, тоа е ВМРО-ДПМНЕ – рече Ковачевски.

Груевски и Мицкоски ја продолжуваат расправијата

Обвинувањата дека власта на тајни средби договарала амнестија за да обезбеди двотретинско мнозинство, предизвика раскол помеѓу Груевски и Мицкоски. Мицкоски го обвини Груевски дека носел УСБ со документи во кабинети на функционери на ДУИ за непринципиелни договори. Груевски, пак, го обвини Мицкоски за тајна соработка и заеднички планови со поранешниот премиер и лидер на СДСМ, Зоран Заев.

– Па, нели тој беше наш политички заеднички противник, беше главниот „џелат на сите“ политички прогонети од ВМРО-ДПМНЕ, тоа беше влада што направи промена на името, Уставот, националноста, идентитетот, историјата… со Договорот со Грција, ги апсеа нашите пратеници за да ги уценат за гласање. Заев на ТВ тврдеше дека „sичките сме с’шти”, „един народ сме“ итн. До пред година-две, ВМРО-ДПМНЕ тврдеше дека Заев е најкорумпираниот политичар, предавник. Гледам сега се плашат и името да му го спомнат. Со тој ли сега политички сојузници треба да бидеме? Уцена ли е во прашање – праша Груевски на Фејсбук.

Претходно Мицкоски од Велес порача дека не е среќен поради препирките со својот претходник.

– Морам да кажам дека како човек, оваа јавна преписка со поранешниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ не ме прави среќен, ниту ова е битка што ја одбрав јас, но недвојбено никој не треба да ја тестира мојата определба да се опстои на нашите ставови дека прифаќање диктати не доаѓаат предвид по ниту една цена. Ниту дека тоа може да помине низ мала врата или каква било комбинација – кажа Мицкоски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот