Костески: Играта и резултатите ни даваат право да се надеваме на титулите

Ненад Костески/фото: РК Еурофарм Пелистер

Ракометарите на Е. Пелистер предводени од новиот тренер Ларс Валтер успешно ја започнаа сезоната, играа на завршниот турнир во СЕХА лигата, а со победата над големиот ривал Вардар го триумфираа во македонскиот Суперкуп.

Ракометарите на Еурофарм Пелистер на најдобар начин ја започнаа новата сезона, со дебитантско учество на завршниот турнир во регионалната СЕХА лига каде го освои третото место, како и со триумф во македонскиот Суперкуп со драматична победа (23:22) над шампионот Вардар 1961 и најавија атак на титулите.

– Имаме одличен старт на сезоната со освојување на пехарот во Суперкупот и тоа против најголемиот противник Вардар. Одигравме машки во сите 60 минути, покажавме карактер кога беше најпотребно и задоволни сме од стартот на сезоната – вели крилото на Е. Пелистер и на македонската репрезентација, Ненад Костески.

Битолчани го победија Вардар на идентичен начин на кој минатата сезона ги загубија клучните натпревари и останаа без трофеите во првенството и во Купот. Во финишот од натпреварот, овој пат за разлика од минатата сезона кога Вардар славеше, Е. Пелистер влезе со негатива и успеа да направи пресврт.

– Овој пат ние победивме со пресврт. Во последните десетина минути влеговме со негатива од два гола, но успеавме да го свртиме натпреварот во наша корист. Играта и резултатот ни влеваат самодоверба и ни даваат за право да се надеваме на успешна сезона во која конечно ќе ја освоиме титулата – смета Костески.

Во новата сезона, Е. Пелистер влезе со шампионски амбиции и со речиси нов тим, во летниот преоден рок пристигнаа дури 10 нови ракометари, а промена имаше и на клупата каде Ларс Валтер го замени Жељко Бабиќ.

– Имаме речиси нов тим сезована со 10 нови играчи и нов тренер во Валтер. Тој донесе нов систем на работа и на игра засега дава добри резултати. За првпат игравме на завршен турнир во СЕХА лигата, триумфиравме на струшкиот турнир, го победивме Вардар иако почнавме буквално од почеток бидејќи екипата е речиси нова. Се наоѓаме на добар пат, имаме простор за напредок и се надевам на успешна сезона која посакуваме да биде крунисана со титула која долго време ја чекаат нашите верни навивачи – додава Костески.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот