Косово: Со изборот за парламентарен спикер, „паднаа во вода“ сите преговори на Мустафа и Курти

Фото: МИА

Лидерот на Движењето Самоопределување (ВВ) Албин Курти, по вчерашната конститутивна седница на новото косовско Собрание, изјави дека изборот на пратеникот од неговата партија Глаук Коњуфца за парламентарен спикер, воопшто не претставува изенадување, јави дописникот на МИА од Приштина.

Курти синоќа изјави дека вчерашниот ден беше „мошне добар за земјата” и дека, „за разлика од порано”, при конституцијата на новото Собрание „беше покажана демократска цивилизираност”.

Лидерот на партијата која победи на изборите одржани на 6 октомври оцени дека, и покрај одредените несогласувања со Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК), кој испадна втора најгласана партија на изборите, сепак останува можноста за формирање заедничка влада.

– Сигурно дека сме заинтересирани за преговори и за договор, но денеска беше еден многу добар ден за демократијата, за државотворноста на Косово, со оглед дека се конституира новото Собрание, како храм на демократијата и законодавството. Затоа сум убеден дека со овој чекор покажавме демократска цивилизираност, зашто, за разлика од претходниот собраниски состав, ние не го блокиравме формирањето на институциите, изјави Курти.

Тој изрази уверување дека, и покрај моменталните недоразбирања, сепак ќе биде постигната спогодба со ЛДК за заедничко формирање на идната влада.

– Ние не го блокираме конституирањето на институциите и со добра волја и во општ интерес верувам дека ќе ги надминеме сите пречки и ќе имаме нова влада. Ние сме во постојан контакт и сигурно ќе имаме комуникација, изјави Курти, кој очекува да го добие мандатот за формирање на новата влада на Косово.

Лидерот на ЛДК Мустафа, пак, синоќа изрази разочарување поради именувањето на Коњуфца за претседател на новото Собрание, со оглед дека, како што беше објавено во текот на преговорите на двете партии, кои започнаа веднаш по гласањето на 6 октомври, таа функција требаше да припадне на ЛДК.

Според најавите од двете партии победнички на вонредните парламентарни избори (ВВ освои 29, додека ЛДК 28 пратенички места во новото Собрание), тие имале договор за тоа претседател на заедничката влада да биде Курти, на ЛДК да му припадне позицијата на собраниски спикер, додека местата во владиниот кабинет да бидат поделени рамноправно, односно и ВВ и ЛДК да имаат по еден вицепремиер и по пет министри.

До застој во преговорите дојде откако ЛДК побара да ја добие позицијата на претседател на државата, откако во април 2021 година ќе му истекне мандатот на Хашим Тачи на таа позиција. ВВ одговори дека, во замена за таа позиција, ЛДК треба да го отстапи местото на министер за внатрешни работи, како што било договорено во досегашните преговори меѓу двете партии, со што ЛДК не се согласи.

Мустафа вчера, пред конститутивната седница на Собранието, порача дека доколку ВВ не го испочитува договореното, неговата партија ќе премине во опозиција, но ќе ги гласа предлозите на партијата на Курти за собраниски спикер и за составот на неговиот владин кабинет.

И покрај тоа, по конститутивната седница на Собранието, Мустафа изрази изненаденост од предлогот и изборот на Коњуфца за претседател на Собранието (за што, како што најави, гласаа и пратениците на ЛДК) и порача дека по ова „паднаа во вода“ сите досегашни договори меѓу двете партии.

Мустафа во синоќешното интервју за телевизијата КТВ порача дека сепак се уште не се затворени сите можности за постигнување договор за заедничка влада.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот