Кошаркарките на Баскет кам славеа во финалето со Крива Паланка за четврти трофеј во Купот на Македонија
Кошаркарките на Баскет кам уште еднаш потврдија дека се вистински владетелки на Купот на Македонија. Пред својата публика во Македонска Каменица, тие славеа над амбициозниот состав на Крива Паланка со 74-68 и повторно се израдуваа на трофејот.
Препорачано
За домаќинките ова беше шесто финале во низа во националниот куп, а четврти освоен пехар што е доказ за континуитетот и доминацијата што ја градат со години. Од другата страна, Крива Паланка за првпат играше финале и остави мошне позитивен впечаток, особено со борбеноста прикажана по паузата.
Натпреварот беше практично насочен уште во првото полувреме. Баскет кам влезе фуриозно, ја доби првата четвртина со двоцифрена разлика (17-7), а до заминувањето на одмор ја зголеми предноста на убедливи 42-27. Тоа се покажа како клучен капитал во продолжението.
Во вториот дел гостинките се разбудија и успеаја значително да ја стопат негативата, но немаа доволно време за целосен пресврт. Иако финишот донесе неизвесност, предноста создадена во првите 20 минути беше доволна Баскет кам рутински да го приведе мечот кон крај за конечни 74-68.
Кметовска блесна со 24 поени и беше прво име кај победничкиот состав, додека Димова и Поп-Димитриовска додадоа по 16. Кај Крива Паланка, Робинсон одигра одличен натпревар со дури 30 поени, но нејзиниот учинок не беше доволен за историски триумф.


