Коронавирусот ги успори и крадците

Дел од предметите биле пронајдени и вратени на сопственикот. По целосно документирање на случајот против нив ќе биде поднесена соодветна пријава.

Бројот на кражби ова лето е намален. Причина за тоа е корона кризата која ги затвори границите и предизвика економска криза, па голем дел од граѓаните во ек на летната сезона не заминаа на одмор, туку останаа во своите домови.

Споредбено со минатите години во истиот период, според полициските анализи, во графата кражби годинава има намалување за речиси педесетина отсто. Но, сепак рано е да се калкулира со статистиката, бидејќи за летен одмор има уште време.

Истражителите велат дека вештите крадци не се толку лековерни и не ограбуваат без притоа добро да се осигураат дека во објектот кој го „снимиле“, кога ќе сакаат да влезат, ќе нема никој. Праксата на полициските иследници вели дека самите газди на куќи и станови сами, несвесно, оставаат „абер“ дека не се дома, па им ја олеснуваат работата на крадците. Затоа тие советуваат да не се објавуваат слики и статуси на социјалните мрежи од плажи и од места каде се одмораат.

Повеќето граѓани кога се на одмор воопшто не ни помислуваат на опасноста дека нивниот дом може да биде посетен од крадци, занемарувајќи го фактот дека и тие се вешти на социјалните мрежи па преку лажни профили склучуваат пријателства со луѓе за кои се сомневаат дека дома чуваат накит или пари.

Оставањето на тргнати завеси, кренати ролетни или вклучено светло на тајмер според истражителите се „демоде“ технички за спас од крадците, бидејќи од полицијата велат дека арамиите уште ги користат и старите проверени техники за да се осигураат дали сопственикот е дома. Најчесто, тоа е директно на врата под изговор дека бараат друг човек или пак нудат нешто на продажба. Жртвата секогаш ја следат за да ѝ ги научат навиките, односно терминот кога излегува и се враќа дома или пак кога ќе замине на одмор.

И блиндираните заштитни врати сега веќе не можат да ги задржат провалниците. Тие користат најсовремени алати и методи, па затоа познавачите препорачуваат и вградување на алармен систем особено во домовите на лицата кои работат во странство. Според досегашната пракса велат истражителите, најбезболна опција која се однесува на можноста вашиот дом да биде ограбен од крадец е имотот и вредните предмети кои ги поседувате да бидат осигурени.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот