Концертна промоција: Хип-хоп претставата „Црнила ремикс“ добива винилно издание

Музичко-драмскиот перформанс „Црнила ремикс“, во изведба на „Организацијата“ и во продукција на Младинскиот културен центар, ќе биде ставен на винилен носач на звук (ЛП-плоча), а концертната промоција е закажана за 8 февруари во МКЦ.

Претставата „Црнила ремикс“ е едно поразлично видување на класичното драмско дело на Коле Чашуле ставено во контекст на урбан хип-хоп албум. Со идеја и во режија на Јордан Симонов, процесот на подготовка на претставата почнал многу спонтано. Новиот сублимат помеѓу драмата и хип-хоп субкултурата претпоставувал несекојдневен пристап и специфична актерска изведба.

– Отсекогаш сум сакал да направам театарска претстава со друг израз. Хип-хоп музиката ја сакам и ја слушам одамна, и мислам дека е потценета и во музичка и во глобална смисла, а сметам дека како израз во неа има огромна енергија и моќ за пренесување јасна порака до одредена целна група. Драмскиот текст на Коле Чашуле многу точно ги опишува македонските прилики. Напишана во форма на психолошки трилер, драмата има убав заплет и многу е податлива за поставување на поинаков начин – открива режисерот Јордан Симонов за „Културен печат“.

Музиката и препевот на драмскиот текст го направиле Дарко Димитриески и Павле Димковски од хип-хоп бендот „Зад аголот“. Кастингот за претставата бил правен според музичките афинитети на актерите. Во претставата играат/рапуваат Стефан Вујисиќ, како Луков, Александар Михајловски Хонда (Фезлиев), Владимир Петровиќ (Иван), Горан Ников (Методи), Ненад Анѓелковиќ (Младичот), Сања Арсовска (Неда) и Павле Димковски (Христов).

Екипата на „Црнила ремикс“ (Фотографија: Кире Галевски)

Претставата има 13 меѓусебно поврзани целини, но секоја од овие сцени може да опстојува и како посебна рап-песна. Така е составена структурата за 45-минутната музичка матрица која е ставена на плоча. Албумот е издание на „ПМГ Рекордингс“.

Премиерата на „Црнила ремикс“ се одржа на фестивалот „Здраво млади“ во 2018 година. Покрај бројните изведби на сцената „Фросина“ во МКЦ, во текот на 2019 година перформансот гостуваше на музичките фестивали „Д-Фест“ во Дојран и „Егзит“ во Нови Сад, но и на фестивал на слем-поезија во Загреб и на „Бош“ во Гевгелија.

– Претставата е хибридна и со многу мали корекции може од класична театарска сцена да се префрли на голема концертна сцена, но и на опскурен, минимален простор. Ако го отфрлиме мизансценот од претставата, тогаш добиваме класичен хип-хоп концерт. Така и се случуваше. На пример, на „Егзит“ настапивме на огромна сцена долга 20-ина метри со стотици светла и ласери, а веднаш потоа во Загреб игравме на простор од шест метри квадратни со два рефлектора. И во двата случаи претставата можеше да допре до публиката, да ја пренесе енергијата на актерите и пораката – објасни Симонов.

Промоцијата на винилното издание на „Црнила ремикс“ ќе биде со изведба на концертната хип-хоп верзија на претставата. Скопската публика досега имаше можност да ја гледа само театарската верзија на хип-хоп перформансот. На 8 февруари во МКЦ, покрај „Црнила ремикс“ како гости ќе настапат „Зад аголот“, диџеј Оки Доки, Куп де Грас и Дабл Џи (Скопски грув).

(Текстот е објавен во „Културен печат“ бр. 16, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 1-2 февруари 2020)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот