Концертот ќе се одржи на 20 декември во Македонската филхармонија

Концертот „Кадифено“ на Зарина Првасевда ќе биде музичко патување каде традицијата и современиот звук се спојуваат на сцената

Големата сцена на Македонската филхармонија на 20 декември 2025 година, со почеток од 19:30 часот, ќе биде исполнета со ориентално, фолклорно и длабоко емотивно музичко патување, предводено од моќниот и препознатлив вокал на македонската уметница Зарина Првасевда.

Со концертот „Кадифено“, публиката ќе влезе во свет на суптилна магија, богати мелодии и уникатни вокални интерпретации – доживување кое го носи печатот на редок талент и искрена уметничка визија.

Во време на доминација на едноличен и комерцијален звук, Зарина Првасевда јасно се издвојува со својот автентичен стил, широк вокален дијапазон и длабока музичка чувствителност. Таа е уметник во вистинската смисла на зборот – ја чувствува музиката како жив организам, црпејќи инспирација од традицијата, личните емоции и од природата.

Зарина го најавува концертот како „уникатно музичко патување“, исполнето со традиционални ритми, страст и виртуозност – простор во кој публиката ќе може да се отвори, да слуша и да доживее искрена, топла и жива музика.

„Кадифено“ претставува внимателно изграден спој од традиционални песни од Македонија, Турција и пошироко, усни приказни и наследени ритми – концерт со силна емотивна длабочина. Заедно со публиката ќе се истражуваат значењата и пораките на текстовите, културниот симболизам во народните традиции и заедничкиот дух вткаен во традиционалните танци.

– Луѓето ми се најголема инспирација – љубовта што ја разменуваме и искуствата што ги споделуваме се бесценети. Верувам дека највозвишениот аплауз за секој уметник е искрената реакција на публиката – споделува Зарина.

За првпат на сцена во Скопје, заедно со неа ќе настапат двајца врвни турски музичари и светски признати виртуози: Џенк Ердоган, еден од најголемите мајстори на фретлес гитарата и добитник на награда „Греми“ во категоријата најдобар њу-ејџ албум за 2021 година, и Ахмет Алан, харизматичен мултиинструменталист и перкусионист.

Нив ќе ги придружуваат и македонските музичари Андреа Мирческа, врвен басист и добитничка на наградата „Златен орикс“ за најдобар млад џез музичар, и Тони Арслан, професор, извонреден виолинист и солист во меѓународни оркестри – двајцата активни членови на бендот на Зарина.

Предновогодишниот концерт на 20 декември, во 19:30 часот, ќе биде премиерна изведба на музичкиот опус „Кадифено“ и ретка можност за публиката да доживее ново, поинакво и длабоко емотивно музичко искуство. Влезниците се достапни на веб-страницата drugastrana.mk.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот