Колку помалку имате толку повеќе штедите: Почнете паметно да трошите струја

струја струјомер
Струја/ Фото: МИА

Цените растат, а платите никако да го стасаат нивното темпо. Но, мора да се живее, а со едноставна математика може и да се заштеди – ако ништо друго барем да се покријат непланирани трошоци како поправки во домот или оние планираните како што е регистрација на автомобилот.

Храна, сметки и гориво се нешта кои мора да се платат, но може да се плаќа паметно и да се троши паметно. Кафулиња, ресторани, цигари и слично не е неопходност, но ако тоа значи дружење тогаш можете да најдете алтернатива и да не се почувствувате како нешто да ви е ускратено.

Ако за штедење најважно е паметното трошење, најтешко кај штедењето е паметното почнување.

Според тоа како стојат работите со сметките, највисоки се оние за струја. Значи, кога станува збор за намалување на износот што го плаќате за сметки со штедење треба да се почне од струјата.

Сите совети наведени подолу ќе бидат добредојдени со оглед на тоа што на 1 јули треба да се објави новиот ценовник за електрична енергија со новите блок тарифи според кои тие што трошат повеќе струја ќе плаќаат поскапа тарифа од оние што трошат помалку.

Блок тарифите се однесуваат само за струјата потрошена во скапата тарифа, што значи дека ноќе, од 22 часот до 7 часот наутро ќе има една цена, независно кој колку троши и таа цена ќе биде пониска.

Првата блок тарифа ќе се однесува на корисници кои трошат до 210 киловат часови струја во високата тарифа, вториот блок за потрошувачите што трошат до 420, третиот од 420 до 630 и четвртиот над 630 киловат часови во висока тарифа.

Според предлогот кој допрва треба да биде усвоен, потрошената струја во најнискиот блок до 210 киловат часови во скапа тарифа месечно ќе се плаќа 35 отсто поевтино од сега, а оние со потрошени над 630 киловат часови скапа струја, ќе ја плаќаат цената на струјата слична на индустриската, односно на онаа што е на слободниот пазар, бидејќи струјата за домаќинствата е субвенционирана.

Според ова – заборавете на користење на скапата струја. На поривот да трошите скапа струја кога тоа не е крајно неопходно можете да се спротивставите со шуко-тајмер кој ќе го наместите на големите потрошувачи на струја за да работат само на евтина струја. Обичен шуко-тајмер може да се набави и за 250 денари (просечна цена е 330 денари, а цената зависи од маркетот), додека дигиталните се околу 750 денари. Ова во однос на годишната заштеда е минимална инвестиција.

Ако се греете на струја, а летово несомнено ќе се ладите на струја, имајте предвид дека секој степен на клима уредите или инвертерите значи 5 отсто заштеда на струја. Кога одите на спиење или сте отсутни од дома зиме намалете барем еден степен од греењето, а лете зголемете барем два степена од ладењето. Ќе бидете сосема во ред ако зиме во затворено одржувате температура од 18-19 степени, а лете 24-25 степени. Можете и да го користите вградениот тајмер за клима уредот да работи во време на евтина струја. За домот да остане свеж и откако ќе заврши евтината тарифа, спуштете ги ролетните, навлечете ги завесите и затворете ја простоијата во која се наоѓа клима уредот.

Иако може да ви се чини банално, ако ги исклучувате светилките кога нема никој во просторијата  значително ќе влијае на вашата сметка за струја. Ако мислите дека нема да можете ова да го спроведете без да се чувствувате напнато, вградете сензори кои го вклучуваат светлото само кога има некој во просторијата. Во споредните простории исклучете го светлото, а за различни простории користете светилки со различна јачина. Заборавете на надворешно осветлување на куќата освен ако не вградите светилки со фотоќелии (пет парчиња може да се набават по цена од 400 до 750 денари).

За заштеда на струја битна е и изолацијата на домот. Најмалку што можете да направите е да вложите во гумени ленти за изолација на прозорците и вратите. Еден метар гумена лента за изолација со ширина од 1,5 сантиметри чини од 30 до 120 денари, зависно од тоа каде купувате. Таа инвестиција ќе се врати уште со првата наредна сметка за струја. Размислете во иднина да инвестирате во прозорци со двојно стакло и вакуум. Размислете и за стиропорни облоги на ѕидовите особено на оние со северна ориентација. Внатрешни декоративни облоги од стиропор се продаваат по цена од 650 денари за 0,6 метри квадратни. Базична пресметка покажува дека добро изолиран дом може да заштеди до 30 отсто од сметката за струја.

Подготовката и чувањето на храна исто така влече голем процент од вашата сметка за струја. Затоа, заборавете на рерната секогаш кога е тоа можно, а ако веќе морате да ја вклучите правете го тоа во евтина тарифа и подготвувајте повеќе јадења истовремено. Ручек подготвен од вечер за утре нека стане ваша редовна практика. Фрижидерот е нужност, па ако го чистите редовно од мраз, ако не ставате сѐ уште топли јадења и ако го одржувате на оптималната температура (меѓу 3 и 5 степени, за замрзнувач од 0 до -4 степени) ќе заштедите. Во секој случај, домашно подготвена храна е поевтина одошто да купувате готова или да јадете во ресторан. Така ќе заштедите дополнително, а можете и да си понесете храна од дома за на работа.

Струја ќе заштедите и ако редовно го чистите бојлерот од бигор и ако за машината за садови користите економична програма оти таа троши повеќе струја за сушење на садовите одошто за нивно миење.

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот