Колев: Ако Македонија не ја прифати подадената рака на Бугарија, ќе биде целосно изолирана

Доколку Македонија не ја прифати подадената рака на Бугарија, ќе падне во целосна политичка и дипломатска изолација – ова во интервју за БГНЕС го вели Петар Колев, претседател на партијата Граѓанско-демократска унија (ГДУ).

Според него, „македонските Бугари очекуваат дека Македонија ќе ја прифати раката на Бугарија за нејзината европска интеграција и овој пат ќе ги исполни сите обврски“. Македонските Бугари се подготвени да работат на имплементација на овие европски заложби, бидејќи тие веќе не се само обврски кон Бугарија, тие се обврски кон Европската унија, рече Колев.

Тој ја повика македонската влада „да ја реализира својата историска улога во моментов, да го реализира историскиот момент и да направи одлучувачки чекор кон евроинтеграциите“.

„Очекувам македонската влада и македонското општество да сфатат дека доколку го отфрлат овој европски предлог, Македонија ќе падне во целосна политичка и дипломатска изолација, како што се случи во 2008 година кога кажавме „не“ на предлогот за членство во НАТО и формулата за промена на име тогаш“, нагласи тој.

Колев потсети дека земјата изгубила десет години за да стане членка на НАТО.

„Воопшто не ме интересираат ризиците што ќе ги преземе политичката елита, бидејќи оваа политичка елита во Скопје е минлива и покажа дека нема капацитет да го забрза европскиот развој и евроинтеграцискиот процес за Македонија“, рече Колев, кој тврди дека е претставник на бугарската заедница во земјава.

Колев е загрижен дека македонските граѓани, без разлика на нивната етничка припадност, ќе претрпат сериозни последици од македонската политичка елита што не е на висина на задачата.

Според него, македонските Бугари и нивните организации не можат а да не се спротивстават на ова неодговорно однесување. „Затоа очекуваме разумно, достоинствено и европско решение. И очекуваме дека нашата политичка елита ќе ја прифати оваа рака дадена од Европската Унија и Република Бугарија и ќе почне да ги исполнува своите обврски“, рече тој.

„Исто така, да започнеме со решавање на прашањата кои се поврзани со нашата заедничка историја, кои веќе се дел од Преговарачката рамка“, како и „да се започне вистинска битка против јазикот на омразата во Македонија“ со јасни мерки.

Според Колев, доколку овој пат Македонија „не се справи со овие обврски, не ги спроведе, никој друг нема да биде виновен“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот