Коледе леде, паднало греде: Бадник, празник кој се слави со посна трпеза и желби за бериќет

profimedia

Бадник или Коледе се нарекува денот пред раѓањето на Исус Христос, или Божиќ, според христијанската традиција. Бадник паѓа на 6ти јануари, а Божиќ ден потоа -7ми јануари.

Суштината на празнувањето на овој ден е раѓањето на Христос, но и со овој ден завршуваат и Божиќните пости. Традиционално Бадник го прославуваат христијаните, но и црквите што го користат Грегоријанскиот календар, кои го прославуваат ноќта на 24 декември.

Обичаите за Бадник се многу интересни и речиси древни. Паметам дека собирањето на огнот како малечки, за нас беше голема радост, да присуствуваш на нешто толку големо, свечено, а најсреќни бевме кога ќе ни дозволеа да седиме до „подоцна“. Огнот во градските населби значеше купче дрва среде маало, многу музика, блага ракија и посна трпеза наредена околу клупите.

Бадников оган/Facebook
Бадников оган/Facebook

Но, не само тоа. Едвај чекавме кога ќе се прибереме дома, да заспиеме, за што порано да се разбудиме! Паметам дека кога бев ептен малечка, прво или второ одделение, тајфа деца, можеби едно 20тина од моето маало, уште во 6 наутро, по снег, тргнувавме во обиколка на маалските згради во „улов“ на костени, портокали, паричка… А најсреќен беше оној што ќе добиеше некое чоколатце или смоки. Убави, топли, скромни времиња…

Коледе леде/ Фејсбук
Коледе леде/ Фејсбук

Самиот збор „Бадник“ веројатно доаѓа од зборот буди, буден, што би значело да се остане буден ноќта и да се пречека утрото, бдеењето покрај ритуалниот оган. Бадник е семеен празник и најчесто е поврзан со кругот на семејството, со посна и свечена вечера како и бадниковото гранче кое треба да биде запалено пред традиционалното кршење лепче со паричка и молитва покрај трпезата. Трпезата е посна затоа што се верува дека до Божиќ и раѓањето на Исус, треба да се исчисти телото, да се биде духовно смирен и да се внесува немасна храна.

Бадникова трпеза/Facebook
Бадникова трпеза/Facebook

Така, трпезата за Бадник во нашата земја изобилува со посна храна – питулици, кифлички, сарма без месо, гравче, салата од компир, риба, зелник овошје… Сите овие „дарови“ на масата треба да бидат симбол на богат род наредната година, а обичајот вели дека откако ќе се навечера семејството, трпезата се остава нераскрената, за да се нахрани Исус или, според некои верувања, духовите на мртвите. Кршењето на лепчето со паричка е ритуално, а се дели помеѓу сите членови од семејството, а парче се одвојува за домот и Исус Христос. Онаму каде ќе се падне паричката, велат годината ќе му носи бериќет и среќа.

Нека е честит празникот! Коледе леде!

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот