Избори Македонија
Избори во Македонија / Фото: EPA-EFE/NAKE BATEV

Кој стравува од странски мирудии во домашните избори?

Стравувањата од странското влијание и негативните ефекти од евентуалното руско влијание врз земјава деновиве добиваат на интензитет во јавноста особено во пресрет на важните политички случувања во земјава кога се формира техничката влада и започнуваат подготовките за одржувањето на изборите закажани во мај.

Во период кога високи претставници од ЕУ и САД испратија порака дека земјава се наоѓа пред избор на ЕУ или нешто друго, домашните политички чинители стравуваат дека манипулациите од надвор стануваат моќна алатка за влијание врз граѓаните, особено во еден ваков престоен турбулентен период.

Прв кој сигнализираше на ваквата опасност беше потпретседателот на Владата и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби кој од конференција во Скопје го постави прашањето: Каква Македонија сакаме – европска или со руско влијание?. Тој опасноста ја лоцираше во руското влијание врз процесите во земјата и посочи дека „Владимир Путин дури поттикнал и меѓуетнички тензии и конфликти во земјата“.

Претходно за истите стравувања како Груби предупреди и премиерот во оставка Димитар Ковачевски. Според Ковачевски, „Груби бил многу конкретен и посочил кон Русија во однос на стратешките одлуки и процеси коишто се правеле и прават во државата и дека Русија секогаш била против“.

„И тоа се факти коишто сите ги знаат. Тој не кажа дека за сè, туку точно посочи за кои процеси мисли, се мисли на зачленувањето во НАТО, на унапредувањето на демократијата, како и на отпочнувањето на преговорите со ЕУ“, додаде Ковачевски. Премиерот во оставка претходно дополни дека овие избори нема да бидат помеѓу левицата и десницата, туку ќе бидат избори помеѓу Западот и Истокот.

Во меѓувреме домашната експертска јавност е со став дека последниве години често се зборуваше дека некои земји вмешале прсти во изборните процеси но тоа никогаш не било докажано и истото сè се заснова на тврдења од една страна.

Поранешниот амбасадор во Виена, Огнен Малески, коментирајќи ги последните изјави на политиките чинители во земјава кои се однесуваат на тоа дали ќе има странско влијание во пресрет на изборите во земјава за „Слободен печат“ вели дека тоа е деликатно прашање и треба да се има аргументи кога стануваат збор ваквите обвинувања и размислувања од страна на политичарите.

Огнен Малески, амбасадор / Утрински брифинг

– Бидејќи се работи за предизборие мора да се води сметка дека толкувањата можеби се врзани и за партиските интереси. Тоа е едниот аспект. Вториот, доколку гледаме професионално, можеме да кажеме дека влегуваме во една сива зона што е тешко да се дефинира што е мешање во внатрешните работи и интереси на една држава. Од она што е легитимно, и она што ги прекршува правилата на виенската конвенција. Неспорно е дека странските земји имаат интерес и оние поголемите но и оние малите па и соседите да навиваат за одредени опции. Но, тоа не смее да ги поминува непишаните правила во односите меѓу земјите. Но, грубо мешање би било отворена поддршка на одредена политичка партија што мислам дека тоа е невозможно. Странското влијание во Македонија години наназад се пренесува преку портали и медиуми а од поново време и преку социјалните мрежи – оценува дипломатот Малески.

Според него она што во овој момент се одвива во јавноста е во рамки на нормалата и истото е толерантно. Како што објаснува Малески во секоја демократски развиена држава има институции кои треба да водат сметка за тоа колку, каде и дали има странско влијание во земјата.

– Тенка е линијата на раздвојување што е мешање во внатрешните работи на една земја а што не е. Мислам дека кај нас повеќе се работи за тоа какви опции ќе се понудат на граѓаните на изборите. Едната е глобалната опција за наше влегување во ЕУ како земја членка на НАТО и за друга не би требало да се разговара. Во нашиот случај поважно е каква ќе биде програмата на партиите пред изборите. Каква ќе биде опцијата за која ќе се определи некоја идна влада. Тоа е поважно и треба да биде во преден план на изјавите кај политичарите отколку обвинувањата за мешање во внатрешните работи на некоја земја овде. Сепак, повторувам ова е деликатно прашање и треба да се има аргументи при вака јавно изнесените ставови – заклучува Малевски.

Од друга страна пак деканот на Факултетот за безбедност Никола Дујовски на истава тема вели дека присутно е странското влијание во земјава посочувајќи го руското како најдоминантно. Според Дујовски руско влијание повеќе е присутно во Бугарија и Србија отколку во земјава.

Никола Дујовски/слободен печат/ фото Методи Здравев

– Кај нас, можеби најмалку од сите држави на Балканот се чувствува руското влијание, го има присутно е, но не е доминантно во оваа фаза, за разлика од Бугарија, земја членка на ЕУ и на НАТО и за разлика од Србија, порача Дујовски.

Дујовски смета дека последните интензивни средби со американски политичари и државни претставници се на некој начин превентива од идно можно руско влијание.

„Останува да се види како ќе се постават руските интереси во однос на нашите избори и дали може да се влијае на изборите по една таква линија. Ако се сеќавате, по завршувањето на претходните локални избори, тогашниот премиер Заев кажа дека има доминантно странско влијание преку дезинформации и лажни вести и тие директно влијаеле на исходот на локалните избори во 2021 година“ посочи тој.

Инаку, американската амбасадорка во земјава, Анџела Агелер одговарајќи на новинарско прашање дали има информации за евентуално руско влијание на претстојните избори, напомена дека најважно за граѓаните за претстојните избори е добро да се едуцираат за процесот и за кандидатите, кои ќе учествуваат во него.

„Не сум свесна за некое експлицитно и специфично влијание, како што кажавте. Јас сум уверена дека тоа е тука, бидејќи генерално го има во регионот, но мислам дека она што е најважно како што се движиме во кон овој изборен период е граѓаните на оваа земја да поставуваат прашања за кандидатите и да ги земат предвид нивните приоритети, кога ќе гласаат. Тоа за мене е најважно и секако да се едуцираат себе си за процесот и за кандидатите, без разлика кој би можел да се меша, тоа е најважната алатка која ја имаат, ” истакна Агелер.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот