Кој ќе падне на административниот испит, ќе лета од работа!

Аминистрација / Фото: „Слободен печат“ - Драган Митрески

Административните службеници, како и раководните лица, освен државниот испит, ќе мора да поминат задолжителна обука од 120 часа, конципирана според меѓународните стандарди и тоа од 10 области. Ова е една од новините на Законот за стручно усовршување и обука на административните службеници, кој завчера помина во Владата. Освен за овој закон, Владата дала зелено светло и за уште 4 други закони – за вработените во јавниот сектор, за административните службеници, за безбедност на мрежни и информациски системи и дигитална трансформација, како и за електронското управување и електронски услуги, информираа од МИОА

Административните службеници, како и раководните лица, освен државниот испит, ќе мора да поминат задолжителна обука од 120 часа, конципирана според меѓународните стандарди и тоа од 10 области. Ова е една од новините на Законот за стручно усовршување и обука на административните службеници, кој завчера помина во Владата, соопшти Азир Алиу, министер за информатичко општество и администрација, на брифинг во Владата. Со законот за првпат во историјата на нашата администрација ќе се формира и Центар за стручно образование, чиј основач ќе биде Владата, која ќе го именува и разрешува неговиот директор и заменик.

– По обуката, службениците ќе полагаат писмен дел и доколку не освојат 60 од можните 100 бода, ќе добијат уште една шанса во рок од три месеци, а доколку и вториот обид не е успешен, Центарот ќе го извести органот каде е вработен, кој пак во согласност со законот е должен да констатира престанок на работниот однос на службеникот – поентираше Алиу.

По успешно положениот испит, службеникот ќе добие доживотно уверение, со кое ќе му се потврдат работните компетенции. Законот е подготвен врз основа на структурата на елитните школи за јавна администрација, меѓу кои германската и француската, додаде Алиу.

Освен за овој закон, Владата дала зелено светло и за уште 4 други закони – за вработените во јавниот сектор, за административните службеници, за безбедност на мрежни и информациски системи и дигитална трансформација, како и за електронското управување и електронски услуги, информира Алиу.

– Она што секако ќе ги интересира службениците е фактот дека се забранува вработување преку Агенции за привремени вработувања и вработување раководни лица на определено време. Освен тоа, во Законот за вработените во јавниот сектор стои и дека во постапките при вработување, ќе се избира најдобро рангираниот кандидат, а се прецизира и дека може да се систематизираат најмногу до 50 отсто повеќе извршители, а систематизациите се ограничуваат на двапати годишно. Не помалку важен е и делот дека планирањето на вработувањата се ограничуваат на не повеќе од 5 отсто од вкупниот број вработени во институцијата, а согласност ќе дава Министерството за финансии и тоа до 15 декември – додаде министерот.

Од МИОА брифираат дека петте закони што поминаа низ владиниот филтер, сè уште не се доставени до Собранието и тоа ќе се случи или в понеделник или во вторник. Министерот Алиу, соопшти дека тие ќе одат со европско знаменце и мора да се донесат во овој парламентарен состав, некаде до средината на јануари.

– Ова се бенчмарк закони за скринингот со ЕУ, опозицијата е консултирана за сите нив, но не можам да прејудицирам дека ќе ги поддржат. Тие учествуваа и во работните групи и се свесни за нивната важност. Дел од законите ќе почнат да се применуваат од 2025 година, а дел од 2024 година – конкретизира Алиу.

Работните групи не може да најдат заедничка точка: Законот за висока раководна служба одложен

Поради различните гледишта на работните групи што го подготвуваа Законот за висока раководна служба, неговото донесување е одложено и тој не се наоѓа во овој пакет, брифираше министерот Алиу.

– Не постои друг ваков закон во светот, затоа и оставивме простор за работните групи да најдат заеднички јазик околу моментот што ќе ги предлага и кому ќе одговараат раководителите во институциите. Во подготовката многу ни помага СИГМА и се надевам дека наскоро ќе го изработиме и овој многу важен закон – истакна Алиу.

Стопроцентно елиминирање на партиските вработувања е илузија!

Ако некој претендира дека во иднина нема да има злоупотреби со партиските вработувања, тогаш тој е наивен, оцени министерот за информатичко општество и администрација. Според него, државата креира рамка, а дали ќе има злоупотреби со цел да се постават партиски кадри, најмногу зависи од политичарите, прецизираше Алиу, одговарајќи на новинарско прашање дали со новите закони ќе се спречат партиските влијание при вработувањето во администрацијата.

– Ние сме толку креативни, што и да донесеме сто закони, во сто и првиот ќе најдеме дупка. Така што одговорно тврдам дека стопроцентното елиминирање на партиските вработувања е илузија. И во светот нема стопроцентна заштита од ваквите влијанија – одговори Алиу.

За „Една точка за сите услуги“ ќе се користат филијалите на Македонска пошта

Предлог-законот за електронско управување и електронски услуги, предвидува да се користи инфраструктурата и кадровските капацитети на АД Македонска пошта, односно „Една точка за сите услуги“ ќе може да се обезбеди во сите 333 поштенски филијали во државата.

– На овој начин граѓаните ќе може да добијат електронски услуги на еден од поштенските шалтери, кој ќе биде посебно обележан. Во моментов овие услуги функционираат само на пет локации, во Скопје, Куманово, Битола, Охрид и во Тетово. Нема да има дополнителни трошоци за вработување, а дел од поштенските службеници ќе може во име на граѓаните да аплицираат за некоја од електронските услуги, како што е, на пример, издавање на извод од матична книга на родените – објасни Алиу.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот