Кој ќе ја „демонтира“ психозата од лажните бомби

Дејан Србиновски / Слободен печат

Нашите министри не треба да седат мирно, туку треба да се поврзат со своите колеги од НАТО-сојузот и здружено да најдат одговор на тенденциозните закани по националната безбедност, изразени во нарушувањето на нормалниот живот на нашите најмлади и нивните семејства.

Грижата за националната безбедност е главната должност на владата на секоја земја, а ако таа биде нарушена дури и со најмал инцидент, тогаш владата лошо си ја завршила својата работа. Мудроста во оваа реченица кажана од поранешната британска премиерка Тереза Меј можеби може да се искористи и периодов во Македонија, во моменти кога нашата безбедност е „размрдана” од напливот на дојави на лажни бомби во македонските училишта.

За помалку од еден месец, полицијата регистрираше околу триесетина дојави на поставени бомби во македонски училишта. Токму овие тревоги кои, за среќа, се покажаа дека се неточни, го нарушија нормалниот образовениот процес на нашите најмлади во училишните клупи и столчиња.Токму овие дојави за бомби, само навидум безопасни, за жал покажаа дека и како членка на НАТО безбедноста не ни е никогаш целосно „бетонирана” , и дека таа може сериозно да биде разнишана.

Кога ги коментираат овие случувањата во Македонија, познавачите на безбедносните прилики знаат да кажат дека по дефиниција целта на лажните дојави на бомби е од оние центри на моќ кои не и мислат добро на нашата земја е да шират паника и хистерија. Триесетина дојави на бомби имаат повеќе психолошки ефект и тие „експлодираат” кај граѓаните и без динамит на начин што го спречуваат нормалниот живот на луѓето. Она што е евидентно е дека во нашата држава, но и во регионот, е што сега се таргетираат специфични типови на инфраструктура, како училиштата кои се од големо значење. Овие масовни закани имаат и оперативна закана и влијание врз Македонија, но и врз остатокот од Балканот каде во изминативе месеци, слично како и кај нас, „детонираа” стотици непостоечки бомби.

Овие „менажерии на страв“ создаваат состојба на вештачка нестабилност на Балканот, во која непотребно се трошат ресурси за поголема полициска активност, но во исто време, ја нарушуваат и економската клима и трговската размена во регионот воопшто. Да не се лажеме, заканите со бомби се нешто што не смее ниту Македонија ниту некоја друга држава од регионот да го сфати несериозно. Доколку таков чин се пријави во полиција, треба буквално секогаш државниот апарат да делува на секоја пријава, колку и да е таа нелогична. Колку побргу реагираат на заканите државните органи на која било од земјите во нашиот регион, толку се поголеми шансите за намалување на потенцијалната штета од овие закани.

Искуствата опишани во стручната литература на оваа тема сугерираат дека бројните закани за лажни бомби на Балканот во оваа најнова епизода се испраќаат преку е-пошта, телефон, дури и со автоматски гласовни пораки. Доколку државата не реагира брзо и професионално на овие посебни или хибридни закани, тие можат да го намалат потенцијалот на земјата со тоа што ако не се сфатат сериозно, расте потенцијалот за уништување на мирот кај граѓаните.

Токму затоа, во овие моменти, кога сме повеќе растроени од „лажњаци на бомби”, Македонија треба првпат и во практиката да ги искористи придобивките кои ги имаме од членството во НАТО-алијансата.
Нашите министри не треба да седат мирно на своите столчиња, туку треба да се поврзат со своите колеги од НАТО-сојузот и здружено да најдат одговор на тенденциозните закани по националната безбедност, изразени во нарушувањето на животот на нашите најмлади. На крајот, најважно е да дознаеме од нашите министри, политичари и челници кој ќе ја „демонтира“ психозата кај граѓаните предизвикана токму од овие лажни бомби кои станаа секојдневие.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот