Устав на РС Македонија / Фото: ,,Слободен печат'' / Драган Митрески

Кој ќе го подметне грбот за Уставот?

Премиерот Димитар Ковачевски не одговори дали промена на државниот грб е прифатливо да оди во пакет со внесувањето на Бугарите во Преамбулата, но ја покани опозицијата сите предлози да ги достави до работната група. ВМРО-ДПМНЕ, пак, е за промена на државниот грб, но не во пакет со Бугарите.

Можно ли е промената на државниот грб да биде лакмусот со кој ВМРО-ДПМНЕ ќе прифати учество во работната група за промена на Уставот, е дилемата откако универзитетскиот професор по уставно право Александар Спасеновски токму грбот го стави на маса како можно решение за вклучување на опозицијата во процесот.

Премиерот Димитар Ковачевски не одговори дали промена на државниот грб е прифатливо да оди во пакет со внесувањето на Бугарите во Преамбулата на Уставот, но ја покани опозицијата сите предлози да ги достави до работната група. ВМРО-ДПМНЕ, пак, е за промена на државниот грб, но не во пакет со Бугарите.

Ковачевски: Опозицијата ги менува ставовите на дневна основа

Експерти нудат предлози за да се обезбедат 80 гласа за да почне процесот на уставни промени како дел од преговарачката рамка со Европската Унија по категоричниот став на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски дека овој парламентарен состав нема мандат за промена на Уставот. Без опозициската партија, која има 44 од вкупно 120 пратеници во Собранието, невозможно е да се обезбеди нужното двотретинско мнозинство за отворање на највисокиот правен акт во државата.

Ковачевски ја покани опозициската партија сите предлози што ги има да ги достави до Комисијата за уставни прашања која треба да биде формирана во Министерството за правда и таму да се разговара. Според Ковачевски, уставните измени ќе имаат легитимитет и без опозицијата.

„Гледаме прво имаа хрватски модел, сега грб, така што таму ставовите дневно се менуваат. Ќе видиме како ќе биде до крајот. Еве, јас ќе ве прашам, дали има легитимитет нашето членство во НАТО? Има. Опозицијата не го поддржа. Така што, ќе станеме членка на ЕУ и јас се надевам дека опозицијата еднаш нешто ќе поддржи. Опозицијата не го поддржа ни договорот Фронтекс за кој утре почнува имплементацијата. За првпат имаме македонски јазик заедно со сите други јазици на Европската Унија. Опозицијата ни тоа не го поддржа. Кажа дека биле на пауза во Собрание. Сите биле внатре, тие биле на пауза, не слушнале кога ѕвонело ѕвончето. Такви изговори „од трето одделение“ не поминуваат. Тој договор има легитимитет, бидејќи го изгласало Собранието и го усвоила ЕУ“, рече Ковачевски.

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека станува збор за личен став и предлог на професорот Спасеновски.

„Сите овие прашања произлегуваат од чувството кај Македонците дека во континуитет нешто губат и од нешто се откажуваат. Промената на Уставот во овој момент и ново решение за државен грб немаат никаква меѓусебна поврзаност. Тоа се одделни процеси и какво било нивно поврзување го нарушува процесот на носење нов државен грб, за кој веќе постои консензус во минатото“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Спасеновски: Да се размислува за црвен лав на жолта заднина со пет кули

Спасеновски во гостување на ТВ Сител рече дека можеби враќањето на старата дебата од 2014 – 2015 година за менување на актуелниот државен грб е еден од начините како да се овозможи дискусија со опозицијата за да се обезбеди нејзина согласност за текстот на уставните измени. Тој истакна дека можеби треба да се размислува за предлогот за црвен лав на жолта заднина со пет кули, кој во 2014 година за државен грб го предложи тогашната влада на ВМРО ДПМНЕ, а доби и позитивна оценка од ДУИ, но не помина во Собранието.

Професорот потсети дека причината поради која ДУИ тогаш го прифати предлогот е дека грбот на многу стари албански семејства исто така е лав, како и грбот на градот Тирана, додека круната е и општ симбол за скопското Кале.

Според професорот Спасеновски, во општеството нема рационална дебата околу уставните измени, а најавите дека покрај вметнувањето на неколку заедници во уставната Преамбула, можни се и други амандмани на Уставот, ја зголемува скепсата и кај граѓаните и кај експертите.

„Чувството на најголемиот дел од граѓаните на оваа држава, особено на Македонците, е дека нешто неправедно им се одзема и се тераат да направат нешто со кое тие губат дел од нивниот супстрат во рамки на највисокиот правен акт на државата“, рече Спасеновски.

И додека се чека работната група да се докомплетира со правни експерти, останува нејасно дали работното тело под покровителство на Министерството за правда ќе расправа за сите предлози за уставни измени, а ќе работи само на подготовка на амандманите за внесување на Бугарите и на други помали заедници во Уставот.

Ресорното министерство во минатата недела го објави списокот на политички претставници во работната група. Според Министерството за правда, во работната група ќе партиципираат и десетина експерти. До работната група веќе има најави дека ќе се бара промена на Уставот во делот на промена на формулацијата „20 отсто“ со албански јазик.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот