Запленети возила блокираат пешачка патека пред ПС Гази Баба / Фото: „Слободен печат“

Кој ќе го казни МВР кога паркира запленети возила среде пешачки патеки и тротоари?

„Слободен печат“ посети неколку полициски станици во Центар, Гази Баба и Лисиче, а ситуацијата беше секаде идентична – десетици возила обележани со маркичка за запленување се паркирани на пешачки патеки, тротоари, велосипедски патеки и зелени површини

Веќе подолг период просторот пред влезовите на полициските станици низ главниот град, освен што се користи како паркинг за службените обележани и необележани (цивилни) полициски возила, локациите се исполнети со голем број запленети возила од разни полициски акции, кои наместо да бидат однесени во некое депо или паркинг при МВР, блокираат пешачки и велосипедски патеки низ градот.

Возила запленети од МВР блокираат тротоари и вело патеки кај полициска Беко / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

„Слободен печат“ посети неколку полициски станици во Центар, Гази Баба и Лисиче, а ситуацијата беше секаде идентична – десетици возила обележани со лента за запленување се паркирани на пешачки патеки, тротоари, велосипедски патеки и зелени површини.

Пешачката патека во непосредна близина на полициската станица „Беко“ во Центар е целосно блокирана за пешаци и велосипеди, откако МВР целиот тој простор го исполнил со повеќе запленети автомобили, а според состојбата во која тие се наоѓаат, може да се претпостави дека дел од нив подолг период „одлежале“ на оваа патека.

На едно од возилата беше дури и кренат бришачот – општопознат потег во „сообраќајниот свет“ кога некој автомобил е лошо паркиран и блокира одреден влез, улица или во случајов, пешачка патека, но се чини кога автомобилот е паркиран од страна на полицијата, блокирањето на тротоар и не е толку сериозен проблем.

ГАЛЕРИЈА | Запленети возила ја блокираат пешачката патека кај „Беко“

Автомобилите се паркирани во неколку реда, со што иако на двете страни од влезот кон полициската станица има поставено метални столбови што спречуваат блокирање на тротоарот од страна на несовесни возачи, изгледа примарната намена на пешачката патека од каде што се влегува во ПС „Беко“ е да биде див паркинг за запленети и службени возила, наместо да биде слободна за минување на пешаци и велосипедисти.

Во Автокоманда е сместена полициската станица „Гази Баба“, која е можеби и најголема во Скопскиот Регион, со огромен подземен паркинг и паркиралиште пред станицата. Иако има огромен простор за паркирање, запленетите возила се поставени веднаш пред објектот и целосно ја блокираат пешачката патека, а дел од автомобилите се оставени на зелена површина.

Запленети возила блокираат пешачка патека пред ПС Гази Баба / Фото: „Слободен печат“

Пешачката патека е претворена во вистински лавиринт и граѓаните треба да одат околу возилата или, пак, да кружат од некоја друга страна од населбата за да стигнат до својата посакувана дестинација.

Сепак, убедливо најголема „флота“ на возила има на паркингот пред полициската станица во Лисиче, каде покрај регуларно паркираните возила, можат да се забележат повеќе удрени возила со сериозни каросериски дефекти поради кои веројатно возилата се хаварисани и не се во возна состојба, но забележавме и голем број необележани автомобили паркирани на околните тротоари.

Хаварисани возила пред Полициска станица Лисиче / Фото: „Слободен печат“

Зошто овие автомобили не се пренесени во некое државно депо или на локација што не ги блокира патеките на пешаците и на велосипедистите, а воедно и го огрдува изгледот на влезовите на станиците беше прашањето што „Слободен печат“ го испрати кон Министерството за внатрешни работи.

Исто така, прашавме и со колку депоа за запленети возила располага МВР и дали е целосно исполнет нивниот капацитет, па поради тоа возилата се оставаат „каде било“. Оттаму потсетуваат дека согласно измените на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, по претходно издадена наредба од јавен обвинител, се врши одземање на возила во случаи на управување нерегистрирано возило, управување без положен возачки испит (без возачка дозвола), управување за време на изречена активна забрана за управување со моторно возило, како и управување под дејство на алкохол.

– До завршување на постапката во врска со одземените возила, која е во надлежност на судот, истите се чуваат во надлежната полициска станица. Доколку одземените возила претставуваат пречка или создаваат проблеми во функционирањето, ќе се преземат соодветни мерки за нивно отстранување – тврдат од МВР.

Запленети возила блокираат пешачка патека пред ПС Гази Баба / Фото: „Слободен печат“

Како голем предизвик за паркинг-капацитетите на полицијата во периодот што следува се и измените на Кривичниот законик, направени поради пуштањето во употреба на системот за евидентирање и санкционирање сообраќајни прекршоци „Безбеден град“, со кои полицијата доби овластување да им ги одзема возилата на возачите што прават кривични дела во сообраќајот и на оние возачи што сообраќаат без возачка дозвола.

Гас до даска без возачка, па пеш дома: Полицијата во станица ги собира возилата на „дивите“ возачи

Од Министерството тогаш информираа дека откако полицијата по насоки на јавен обвинител ќе го зема возилото, тоа ќе биде чувано во полициска станица сè додека не добие понатамошна насока од обвинителството, односно додека судот не одлучи што ќе прави со тие автомобили.

– Полициските службеници го одземаат возилото по насоки на јавен обвинител, а натамошната постапка е во надлежност на Обвинителството и судот. Возилата се одземаат во согласност со членовите 297, 297-а и 300-б од Кривичниот законик. Во моментов одземените возила се чуваат во полициска станица, а понатаму на места и локации што ќе бидат одредени од Обвинителството, велат од Министерството за внатрешни работи за „Слободен печат“.

Со оглед на тоа што секојдневно „Безбеден град“ и сообраќајната полиција „ловат“ сериозни кривични дела во сообраќајот поради кои е предвидено привремено одземање на возилото, навистина е чудно каде ќе се чуваат овие возила, земајќи предвид дека досега запленетите веќе не ги собира во регуларниот дел за паркирање пред полициските станици, па полицијата зазема и блокира цели пешачки патеки, тротоари и зелени површини за да ги складира одземените автомобили.

Запленето возило пред полициска станица „Беко“ блокира пешачка патека / Фото: „Слободен печат“ – Драган Митрески

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот