Кој е убиецот од Прага?

Убиецот од Прага / Фото колаж на СП / Профимедиа

Во престрелката што се случи вчера на Универзитетот во Прага загинаа најмалку 14 луѓе, меѓу кои и напаѓачот, а повеќе од 30 се повредени, некои тешко, соопшти прашката служба за итни случаи.

Чешката полиција нешто по 15:00 часот извести дека интервенирала поради пукање на Филозофскиот факултет на Универзитетот Чарлс, на плоштадот Јан Палах. Полицијата тогаш извести дека напаѓачот е „елиминиран“. Чешката влада го прогласи 23 декември за Ден на жалост. Засега не е познат мотивот за масовното убиство. Полицијата досега идентификувала 11 жртви.

Напаѓачот е идентификуван како Дејвид К. Тој прво го убил својот татко во селото Хостоун, 20 километри западно од Прага, а потоа отишол во центарот на тој град.

Бил студент на Институтот за светска историја на Универзитетот Чарлс, со седиште на Филозофскиот факултет, на плоштадот Јан Палах. Претходно оваа година, Дејвид К. добил награда од Полскиот институт во Прага за неговата теза за револуционерните настани од 1846 година во Краков и други области кои сега се дел од Полска.

Полицијата соопшти дека тој требало да присуствува на предавање вчера попладне во посебна универзитетска зграда на улицата Челетна, на неколку минути пешачење од факултетот и недалеку од Стариот градски плоштад во Прага. Полицајците отишле таму барајќи го пред пукањето. Она што не се знае е зошто, наместо таму, до главната зграда на Филозофскиот факултет со оружје во рацете.

Шефот на полицијата Мартин Вондрашек изјави дека убиецот отишол во Прага да си го одземе животот и дека е „инспириран од страшен настан, сличен на оние во странство“. Наводно, се работи за инцидент на 7 декември во Брјанск, јужна Русија, кога 14-годишно девојче донело пушка во своето училиште и убило соученичка пред да го сврти пиштолот кон себе и да си го одземе животот.

Колеги на убиецот за чешкиот портал Свезнам изјавија дека тој бил тивок, интровертен човек и дека не се дружел многу со нив.

„Слабо се сеќавам на него, беше една година постар, но секогаш беше намуртена личност која навистина не се забавуваше со никого“, вели еден негов соученик.

Жител на селото од каде што потекнува Дејвид К., вели дека бил „интровертен, како и секој друг лудник“ и дека најчесто го сретнувал кога одел да фрли ѓубре.

Дејвид К., наводно, на социјалната мрежа Телеграм објавил дека ќе изврши масакр на факултетот и дека може да се самоубие. Пишувал на руски и истакнал дека е инспириран од Алина Афанаскина, 14-годишната девојка која на почетокот на декември отвори оган во училиште во Брјанск, Русија, при што уби две лица, а рани уште пет други. Афанаскинова се самоуби.

Дејвид К. наводно напишал дека таа не убила доволно луѓе и дека тој ќе се обиде да го поправи тоа. „Таа многу ми помогна“, наводно напишал Дејвид К. на Телеграм, додавајќи дека секогаш сакал да убие некого и дека „масовните убиства се подобри од сериските убиства“.

Тој напиша дека ги мрази сите и дека сите го мразат, како и дека планира зад себе да остави што е можно повеќе болка. Последниот пост датира од 19 декември кога пишувал за неподносливо зуење во ушите. Полицијата соопшти дека истражува дали профилот е навистина поврзан со лицето кое го изврши масакрот во строгиот центар на Прага. Сè уште ништо не е официјално потврдено.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот