Кои се обврските на сопственикот со новиот член во домот

Мораме да направиме дистинкција што претставува миленичето за нас во социјална и друштвена смисла со сите лични чувства, а што е за него најадекватно и најсоодветно во смисла на здравјето и квалитетот на живеење.

Најчестите проблеми поврзани со здравјето на малите кученца се случуваат од повеќе причини. Тука, на прво место би ги споменал недоволната информираност на идните сопственици на миленици за видот или расата на миленичето, карактеристиките на одгледување и чување на животното, посебните услови кои се специфични за една раса, начинот на исхрана и нега, здравствените превентивни мерки кои треба да се спроведат, потенцијалните ризици по здравјето на миленичето и слично. Од друга страна, често се случува идните сопственици да го третираат своето милениче во секој аспект како човечко битие што е апсолутно неприфатливо особено во делот на исхраната, негата и одржувањето на чистотата на животното, дневните навики и останато. Нашите миленици се нераскинлив дел од нашето семејство и опкружување, но со погрешен пристап кон нив и нивните инстиктивни и бихејвиористички особини, ние во голема мерка можеме да го нарушиме нивното здравје. Мораме да направиме дистинкција што претставува миленичето за нас во социјална и друштвена смисла со сите лични чувства, а што е за него најадекватно и најсоодветно во смисла на здравјето и квалитетот на живеење. И тука на сцена треба да стапат ветеринарните здравствени работници, кои ќе се обидат да ги решат сите евентуални непознавања или нејаснотии околу одгледувањето и здравствените контроли за нивното милениче.

Иако во јавноста постојат различни ставови во врска со користењето на вакцините и нивната оправданост како средство за превенција од голем број заразни заболувања, слободно можеме да кажеме дека како во хуманата, така и во ветеринарната медицина, врз основа на сите истражувања и научни трудови кои се досега објавувани, никаде не е утврдено врз основа на релевантни докази за негативните ефекти на вакцинацијата, односно имунизацијата на животните. Ние како земја која се наоѓа во делот на регионот на Медитеранот и потесното балканско опкружување сме директно изложени на низа  заразни болести кај животните, како и зоонотски заболувања, кои се пренесуваат од животните на луѓето како што се беснилото, лајшманиозата, паразитарните заболувања и др. како и голем број нови егзотични болести со кои се среќаваме за првпат и за овој вид на реален здравствен ризик , имунизацијата, односно вакцинацијата на животните спроведена според утврден протoкол е нешто што потенцирам, МОРА ДА СЕ СПРОВЕДЕ. Вистинските сопственици и оние кои ги познаваат здравствените прилики и кои ја познаваат оваа проблематика сигурно ќе се сложат со нашиот став. Самата постапка на вакцинација се спроведува врз основа на предвиден протокол од производителите на вакцини и расположливата литература, која ја обработува оваа област и таа се врши во договор со сопственикот на животното во зависност од возраста на животното, условите на чување, здравствената состојба и останато.

Микрочипирањето е законска обврска за идентификација и регистрација на животното и оваа процедура има за цел од една страна да изврши увид врз популацијата и движењето на животните, а од друга страна да биде контролна алатка за спречување на ширењето на заразните болести. За да не бидам погрешно интерпретиран, ова значи доколку мојот миленик, кој има имплантиран микрочип биде изгубен или украден, има поголеми шанси да биде пронајден и да биде утврдено дека навистина се работи за тоа животно. Микрочиповите содржат единствен број и код на државата од која потекнува кучето, како и основни податоци за животното. Читањето на микрочипот се врши со специјални читачи детектори. Значи, микрочипирањето претставува лична идентификација на нашиот миленик и неговото потекло, дополнителна сигурност за нас како сопственици, а во исто време овозможува и увид во здравствениот статус на животното. Ова последното е особено значајно да се спомене затоа што според европските регулативи, сопствениците можат да патуваат само со миленици за кои има уредна патна исправа (пасош), издаден и ставен  микрочип,  вакцинација против беснило и  потврден титар на антитела за беснило. Процесот на микрочипирање е врзан со вакцинацијата на беснило и регистрација на миленикот и тој се спроведува еднаш, додека вакцинација против беснило е законска обврска, која се спроведува секоја година. Микрочипирањето се врши во првата година од животот на миленичето заедно со првата вакцинација против беснило и издавањето на официјалниот пасош на животното. Најадекватен период за микрочипирање и вакцинација од беснило би било откако ќе се заврши процедурата за прочистување на миленикот од ектопаразити и вакцинација во првите месеци од животот, а тоа зависно од сопствениците е во првите 3-5 месеци. Самата процедура за микрочипирање и вакцинација против беснило според утврдените правила на ветеринарната пракса, како и за другите превентивни мерки нема последици по здравјето на нашиот миленик.

Пишува: д-р Глигор Мојсов, ДВМ, унив.маг.хир. 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот