Кои се најголемите лудаци во фудбалот: Пироман, нацист, провокатор…

фото: ЕПА

Најважната споредна работа, а воедно и најпопуларниот спорт, фудбалот не би бил тоа што е доколку на терените освен вредни работници и фанатици кои доаѓаат први и си заминуваат последни од тренинзите, нема фудбалери кои со својот карактер или однесување не му даваат посебен тон и во исто време ги забавуваат фановите.

Неодамна фудбалерот на Андерлехт, Дидие Ламкел Зе, само за да биде ставен на трансфер листата тој во клупските простории се обиде да влезе со дрес на најголемиот ривал, Андерлехт. Вработените кога го приметија Ламкел Зе, не мку дозволија да влезе во клупските простории по што фудбалерот мораше да се извини за својата постапка.

Сепак, вистински шампион во оваа категорија на фудбалски лудаци е поранешниот италијански репрезентативец, Марио Балотели кој иако се сметаше за еден од најголемите таленти, ќе остане запомнет по своите лудории.
Иако за неговите лудории на и надвор од фудбалските терени може да се напише посебен текст, ние ќе ве потсаетиме само на мал дел од неговиот „асортиман“.

Марио Балотели/EPA-EFE/FILIPPO VENEZIA

Балотели во времето кога настапуваше за Интер го налути навивачите со тоа што во една ТВ емисија се појави со дрес на градскиот ривал Милан.
Кога беше член на Бреша, знаеше да отиде во женскиот затвор само за да види „како изгледа од внатре“. Кога беше член на Манчестер сити со пикадо ги гаѓаше играчите од младинскиот тим, а знаеше и да се степа на тренизите со соиграчите Венсан Компани, Џером Боатенг и Мика Ричардс. Бидејќи автомобилите му се пасија, во Милан имаше забрана да вози картинг за да не се повреди. Кога беше член на „граѓаните“, еднаш му плати на таксист да вози пред него од Манчестер до Лондон бидејќи не го знаел патот.
Врвот на лудориите на Балотели се случи во 2011 година кога пушташе огномет од прозорец од својата куќа по што предизвика пожар.

Паоло ди Канио/EPA/ETTORE FERRARI

Уште еден Италијанец се најде на листата на најголеми лудаци во фудбалот, тоа е Паоло Ди Канио кој иако беше одличен фудбалер, исто така беше познат по избувлициот темперамент и десничарските ставови.
Фановите на англискиот фудбал се сеќаваат кога Ди Канио како член на Шефилд венздеј го оттурна судијата Пол Алкок поради што доби суспензија од дури 11 натпреварот. Коментарот на Ди Канио по инцидентот беше дека Алкок паднал како „пијан кловн“.

Англиските медиуми кои го опишуваа како човек со преголемо его, во времето кога играше за Селтик ги обвинуваше шкотските судии дека не се објективни кој славниот клуб бидејќи „90 проценти од судиите се протестанти“.

Од периодот кога настапуваше во Серија А и Лацио, се памети и нацистичкиот поздрав кон трибината на која се сместени навивачите на „лацијалите“ кои се познати по ултрадесничарските ставови. Самиот фудбалер по тој инцидент призна дека е фашист со што го навлече бесот на јавоста.

Џои Бартон/EPA/GUILLAUME HORCAJUELO

Еден од најпознатите англиски палавковци е Џои Бартон, за кого медиумите велат дека момчето од Ливерпул има повеќе тепачки во животот од боксерите во рингот.
Во 2004 година кога беше фудбалер на Манчестер сити, Бартон е казнет е шест недели без плата откако на божикната клупска забава се обиде запалена цигара да ја изгаси од окото на играч од младинскиот тим.
Три години подоцна, исто така како член на Сити, го нападна соиграчот Осман Дабо поради што беше осуден на четири месеци затворска казна и е суспендиран на рекордни во Премиер лигата, 12 натпревари.
Во 2008 година поради тепачка во центарот на Ливерпул, новата година ја пречека зад решетки, а подоцна беше осуден на шест месеци.

Пред Џои Бартон, најлудиот англиски фудбалер беше Вини Џонс, кој сега е успешен актер. Тој предводник на „лудата дружина“ од Вимблдон и кој во кариерата има заработено 12 црвени картони поради грубата игра.
Поранешниот фудбалер на Вимблдон Џон Хартсон открива за првата средба со Вини Џонс. Тој по пристигнувањето во Вимблдон во желбата да се покаже пред соиграчите, на првиот тренинг се појавил со ново Армани одело, но тоа не му се допаднало на Џонс и „дружината“.
По враќањето во соблекувалната по тренигот, Хартсон немал што да облече бидејќи Џонс и „лудата дружина“ му го запалиле оделото ставајќи му до знаење дека развратното однесување не се толерира во Вимблдон.

Пепе/EPA/Carmen Jaspersen

Ваква листа не може да помине без поранешниот дефанзивец на Реал Мадрид, Пепе.
Пепе не беше толку познат по испадите надвор од терените, но на натпреварите сигурно беше фудбалер кој сакате да го избегнете. Во спротивно, играчите ќе добиеја удар со ногата во лице како Лионел Меси или би ве плукнал и притоа би ве нарекувал мајмун како Сејдуба Кеита за време на пријателскиот натпревар помеѓу Реал Мадрид и Рома.
Во 2009 година суспендиран е на десет натпревари бидејќи тешко фаулираше двајца играчи на Хетафе, а потоа ги навредуваше судиите.

Рој Кин/EPA/GERRY PENNY

Легендарниот капитен на Манчестер јунајтед Рој Кин, освен што го испрати во пензија таткото на Ерлинг Халанд, Алф Инге, тој се прослави и 2002 година кога беше вратен од Светското првенство кое се играше во Јапонија и Јужна Кореја. Кин тогаш жестоко го критикуваше селекторот Мик Мекарти поради што мораше да ги спакува коферите и да се врати во Ирска.
Кин и сега како коментатор е популарен поради остриот јазик, исто како и кога беше фудбалер.
За тоа колку беше Рој Кин, луд доволно говори и податокот дека во соблекувалната на Манчестер јунајтед никој не смееше да зборува доколку капитенот не му дозволи.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот