Коџабашев: Односот на власта во РС Македонија кон Бугарија е понижувачки, не сакаме дополнителна ескалација

Причините поради кои не се дозволуваше бугарските граѓани да ја поминат границата и се поклонат пред споменот на Гоце Делчев се крајно неубедливи и со прекршување на претходно дадените гаранции. Односот на владетелите во РС Македонија кон бугарскиот народ и кон Бугарија е понижувачки и неприфатлив, рече утрово рече заменик–министерот за надворешни работи Костадин Коџабашев за бугарските медиуми.
Според него, официјална Софија уште дента на 4 февруари излегла со официјална писмена реакција и нивната позиција е непроменета.
– Ваквите дејствија се неисполнување на претходно преземената обврска дека на сите добронамерни граѓани ќе им биде дозволен непречен влез за да се поклонат пред гробот на големиот револуционер Гоце Делчев. Категорично веруваме дека постапките на властите во Северна Македонија сериозно го оштетија процесот на враќање на довербата – додаде тој.
Тој потсети дека за тој процес на деескалација се заложиле премиерот Галаб Донев и вицепремиерот и министер за внатрешни Иван Демерџиев кој два пати го посети Скопје.
– Тие презедоа мерки за деескалација, но за нас е сѐ потешко кај властите во Скопје да препознаеме искрена желба за изградба на неипходната доверба и пријателство – вели тој.
На прашањето дали Бугарија ќе го врати ветото за Македонија за преговорите со членство со ЕУ, Коџабашев вели дека нашата земја не започнала преговори за влез во ЕУ за да може да се зборува за вето.
– За да започнат преговорите за членство потребно е РСМ да ги вклучи Бугарите во својот Устав. Дури после тоа може да зборуваме за почеток на преговорите, па и за вето ако треба – рече бугарскиот заменик–министер за надворешни работи.
Тој додаде и дека Бугарија не сака понатамошна ескалација на тензиите со Македонија.
– Во врска со враќањето на нашиот амбасадор во Северна Македонија, правиме сѐ за да ги одржиме дипломатските врски. Имаме канали за комуникација, бидејќи сме водени од чувството за дефинитивна потреба од деескалација на тензијата. Немаме интерес од понатамошна ескалација – рече Коџабашев.