Кочо Анѓушев плаќа 1,5 милиони долари за лобисти во САД, сака да го избришат од „црната листа“
Поранешниот вицепремиер и сопственик на компанијата „Фероинвест“ и други бизниси, Кочо Анѓушев, ангажирал седуммина лобисти во САД, кои ги плаќа 1,5 милиони долари за да издејствуваат тој некако да биде симнат од американската државна „црна листа“, објави „360 степени“.
Препорачано
Кога на 5 декември 2023 година беа воведени санкциите против него, од американскиот Стејт департмент соопштија дека тоа се прави поради тоа што Анѓушев бил вмешан во корупција. Тој, според американските власти, додека бил вицепремиер ја злоупотребил позицијата за лични бизнис-цели.
„Ова назначување ја потврдува посветеноста на САД за борба против корупцијата, која му штети на јавниот интерес, го попречува економскиот просперитет на земјите и ја намалува способноста на владите ефективно да одговорат на потребите на својот народ.“
Анѓушев се произнесе уште истиот ден дека силно се залагал за зачленувањето во НАТО и во ЕУ. Тој тогаш, сепак, додаде дека ќе ги искористи сите правни механизми за да се повлече одлуката на Стејт департментот.
„Силно ги негирам сите сомневања изразени во документот објавен од почитуваниот Стејт департмент и сакам да известам дека ќе ја обжалам одлуката и ќе ги искористам сите правни лекови наведени во самиот документ во правец на повлекување на оваа одлука, која ја сметам за непотребна во рамките на заложбите на нашите пријатели, Соединетите Американски Држави, за борба против корупцијата“, соопшти тогаш Анѓушев.
Според јавниот регистар на Претставничкиот дом на Конгресот на САД, на 20 март 2024 година, или околу три месеци по воведувањето на санкциите против него, формално е регистриран договорот за лобирање меѓу Кочо Анѓушев и компанијата „Рисрч сервис биро“. Во документот, како лобисти, се наведени четири лица: Кевин Кери (Kevin Carey), Пол Хач (Paul Hatch), Семјуел Морис (Samuel Morris) и Оливер Шерловски (Oliver Scherlofsky), пишува „360 степени“.


