Книги со избрана поезија на Лидија Димковска се објавени во Велика Британија и во Хрватска

Избор од поезијата на Лидија Димковска, претежно од нејзините две последни поетски збирки „Црно на бело“ (2016) и „Гранична состојба“ (2021, награда „Браќа Миладиновци“) деновиве излезе во Велика Британија и во Хрватска.

Книгата во препев на англиски јазик со наслов „What Is It Like? (Како е тоа?)“ на Љубица Арсовска, Патриша Марш и Пеги Рид ја објави британската издавачка куќа „Wrecking Ball“, која на корицата на книгата помести три куси рецензии.

Британската поетеса Фиона Сампсон истакнува дека „Лидија Димковска, која е една од водечките писателки на Југоисточна Европа, пишува како никој друг. Во овие избрани песни, беспрекорно преведени, ја слушаме горчината на нејзиното интелигентно сочувство, начинот на кој таа ги преплетува фантазијата и горчливото искуство и како нејзиниот трагачки поетски поглед лови тешки вистини“.

Британската поетеса Хелен Морт истакнува дека овие песни се „болни, забавни, мудри, разоружувачки“; а Гоце Смилевски истакнува дека тоа се „песни на храброст и непомирливост, на искреност и на бескомпромисност, квалитети што отсекогаш биле карактеристики на поетиката на Лидија Димковска“.

Книгата во препев на хрватски јазик со наслов „Како је то“ на Борјана Прошев-Оливер ја објави хрватската издавачка куќа „Сандорф“, а уредникот на корицата на книгата истакнува дека „Димковска поседува силен, радикален поетски исказ ’црно-бело‘ што би го посакале многумина поети, без разлика на нивниот пол – род – националност – раса. Димковска е авторка што читателот мора да ја совлада со критичката моќ на сопствената острина, радикалност и подготвеност за болни ’гранични состојби‘ и катарзични искупувања“.

Лидија Димковска

Наскоро избрана поезија од Лидија Димковска ќе излезе и во препев на бугарски јазик на Поли Муканова во издавачката куќа „ДА“ во Софија.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 154, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 12-13 ноември 2022)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот