Ќе се затвори ли небото над Македонија? Контролорите на летање подготвија депонирани оставки

Александар Тасевски/Фото: МИА

Ова е испровоцирано од фактот дека претседателот на Синдикатот на контролорите бил повикан во полиција, поради кривична пријава од двајца од тројцата директори на М-НАВ и тоа врз основа на имејл поради наводно „чувство на загрозеност по нивниот живот“

Контролорите на летање, кои имаат раководни или инструкторски функции и се шефови на смени, ќе ги депонираат своите оставки до раководството на М-НАВ, а ќе почнат да се повлекуваат од сите проекти во кои се вклучени, најави Александар Тасевски, претседател на Синдикатот на контрола на летање. Тој очекува дека оставки ќе поднесат од 20 до 30 негови колеги контролори и најави дека нема тука да застанат со очекување дека ќе им се приклучат и од другите служби. Тасевски ја најави и можноста да се продолжи со штрајк, кој ќе биде штрајк на сите вработени во М-НАВ, што ќе значи целосно затворање на воздушниот простор на државата.

– Ова е првиот чекор со кој сите служби го креваат својот глас, со што ми даваат поддршка не само мене, туку и на сите досегашни и идни чекори што ќе се преземаат за заштита на професионализмот во струката, а одат во прилог на заштитата на безбедноста на воздушниот сообраќај во државата – рече Тасевски. Ова е испровоцирано од фактот дека Тасевски бил повикан во полиција, во Секторот за насилен криминал, каде што му била презентирана пријава од двајца од тројцата директори на М-НАВ. Како што рече Тасевски, тие поднеле кривични пријави против него, врз основа на имејл поради наводно „чувство на загрозеност по нивниот живот“.

Тасевски на прес-конференција, најодговорно тврдеше дека во споменатиот имејл, кој ги „исплашил“ директорите, не содржи закани.

– Сметам дека намерно текстот е изваден од контекст, а содржината се интерпретираше погрешно за да може да се искористи против мене како претседател на Синдикатот, како вид притисок за да се откажеме од нашите активности. Последните чекори што беа преземени од инженерите и техничарите што си дадоа оставки од функциите, дефинитивно кај директорите, предизвикаа одреден страв. Тој не е по нивните животи, туку страв за нивните директорски фотелји, што покажува дека сме на вистинската патека на нашите дејствувања. Тоа ни дава дополнителен мотив да се движиме и тоа вчера нема да нè заплаши, да останеме доследни на тоа што сакаме да го постигнеме – порача Тасевски на брифинг со медиумите.

Зад сето ова е контроверзниот конкурс за вработување во Македонската навигација, за кој Тасевски ги повика институциите да го проверат.

– Огласот е контроверзен уште од самиот почеток и тоа не само поради законскиот рок, кој не беше испочитуван. Факт е дека до нас се обратија многу луѓе, кои твдрат дека биле одбиени иако поднеле комплетна документација. Ќе поведеме постапка и ќе се оди на целосно укинување на овој оглас. Очекуваме дека ќе има реакција и од одбиените кандидати на конкурсот, во кој не беше даден ниту рок за жалба. Во многу основи е прекршен овој конкурс, така што ќе се оди до крај. Има простор и за Антикорупциска комисија да се вклучи, но и сите други институции да се активираат. Има многу простор за правна разврска – објасни Тасевски.

Претходно оставки поднесоа техничарите, а во иднина истиот чекор се очекува и од другите вработени, кои се здружија против конкурсите за вработување, за кои Синдикатот смета дека се наместени за кадри што не се соодветни за тие функции.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот