Ќе се стави крај на злоупотребите? Од 15 септември посебни таблички за државните возила
Сите државни институции и јавни правни лица се обврзани најдоцна до 15 септември годинава да ги заменат регистарските таблички на службените автомобили со нови, специјални таблици во боја.
Препорачано
Деталите ќе бидат соопштени утре на прес-конференција на која ќе присуствуваат директорот на СОЗР, Ивица Томовски, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, заменик-претседателот на Владата за добро владеење Арбен Фетаи и директори на други институции.
Одлуката за воведување на новите таблици беше донесена на владина седница на 29 јули. Според Службата за општи и заеднички работи, целта е зголемување на транспарентноста и отчетноста, како и спречување на злоупотребата на службените возила за приватни или партиски цели.
Ќе биде воспоставен и телефонски број за пријавување на злоупотреби, а секоја пријава ќе биде евидентирана и разгледана според закон. Во тек е и подготовката на централен регистар на службени возила, со кој ќе се овозможи дополнителна контрола и јавен увид во нивната намена.
„Со оваа одлука државата испраќа јасна порака дека јавните ресурси се за јавна употреба, а не за лична корист. Се воспоставуваат повисоки стандарди на интегритет и одговорност во работењето на сите институции“, соопштија од СОЗР.


