Ќе се проси невеста со бижутерија, цените на златото и на среброто незапирливо растат
Еден прстен од 2 грама злато со циркон камен чини 16.000 до 17.000 денари. По него најмногу посегнуваат како за свршенички прстен. Но веќе сè помалку можат да си го дозволат. Колку и да е поскапено, засега среброто е сепак достапно. Но со потребите за фотоволтаиците и со геополитичките тензии, неговата побарувачка станува сè поголема во однос на понудата
Не само што цените на златото вртоглаво растат, туку така се однесуваат и цените на среброто. Низ скопските златарници и сребрарници велат дека речиси и да не се случува некој да влезе и за своја душа да си купи златен накит. Сепак, продажба имаат, но многу помалку од порано – главно за свршувачки.
Препорачано
Златар со долгогодишна традиција објаснува дека не памети вакви цени на златото и на среброто.
– Ние сме занаетчии. Ние купуваме злато и сребро. Што се случува на берзите, тоа се случува и во дуќаните. Еве, златото денеска е 133 евра за грам на берза. Тоа е многу висока цена. Ако пред 5 години едно златно парче накит чинело 3.000 денари, сега ќе биде 9.000 денари. Но, за таа цена нема свршенички прстен. Некако сè уште најмногу доаѓаат да побараат таков накит. Еден прстен од 2 грама со циркон камен сега чини 16.000 до 17.000 денари – објаснува нашиот соговорник.
Тој вели дека редовно ги следи берзите и случувањата во однос на драгоцените метали и дека сега и среброто достигнува невиден бум.
– Само пред 40-ина дена еден грам сребро чинеше 0,50 евра, а сега веќе е 2,40 евра. Ако некој сребрен прстен го продавав за 500 денари, сега не може да го дадам под 1.200 денари – вели газдата на продавница за накит.
Тој не очекува намалување на растот на цените на овие благородни метали, укажувајќи на големиот глад на големите држави, како Русија, Кина и Америка ,за купување инвестициско злато и сребро.
– По правило, секогаш кога има војни, цените на овие метали растат – вели тој.
Голдман Сакс, пишува Ројтерс ја зголеми својата прогноза за цената на златото за крајот на 2026 година на 5.400 долари за унца од претходно 4.900 долари за унца, забележувајќи дека приватниот сектор и централните банки експанзивно прават диверзификација на пласманите кон пазарите на злато. Според брокерите, како што пишува Ројтерс, дури и за нив било изненадување колку приватниот сектор направил диверзификација на своите портфолија во злато за да се штитат од глобалната политика и дека не очекуваат во 2026 година своите златни резерви да ги претворат во ликвидни пари, со што уште повеќе се зголемила ценовната прогноза за златото. Исто така, брокерите наведуваат дека очекуваат и раст на купување злато од страна на централните банки.
Среброто, пак, станува толку посакуван метал што почнува да постои и ограничена понуда.
– Среброто оваа година влегува во центарот на вниманието откако цените пораснаа за речиси 150 отсто во 2025 година, со ограничена понуда, зголемена индустриска побарувачка и активност на инвеститорите што ги поткрепуваат нагло повисоките цени – изјавија од лондонската британска куќа „Пил хант“ за „Мајнинг викли“.
Индустриската побарувачка сè повеќе го обликува пазарот, соопшти брокерската куќа. Примените на среброто вклучуваат неговата традиционална улога како складиште на вредност и критичен индустриски метал, особено во секторите што ја движат транзицијата кон зелената енергија, како што се фотоволтаиците, електрификацијата и автомобилското производство.
„Пил хант“ забележа дека индустриската побарувачка сега сочинува повеќе од половина од вкупната потрошувачка, што е зголемување од 50 отсто од 2015 година.
Геополитичките и регулаторните фактори, исто така, продолжуваат да влијаат врз пазарот, забележува „Пил хант“, споменувајќи воведен нов режим за лиценцирање на извоз на сребро од Кина, објавен список на критични метали од страна на САД.
Медиумите известија и дека Русија направи бранувања во 2024 година со тоа што јавно објави вклучување на среброто во своите државни резерви.
„Овој стратешки потег вклучува издвојување на 535 милиони долари во периодот 2025-2027 година за скапоцени метали, вклучувајќи сребро, платина и паладиум. Оваа револуционерна одлука на Русија се смета за стратешки маневар за понатамошна диверзификација на своите резерви надвор од традиционалните средства и намалување на зависноста од западните финансиски системи, сметајќи ги скапоцените метали како отпорни на санкции“, известија медиумите.


