Али Ахмети, Христијан Мицкоски, Фото: Фејсбук Ахмети

Ќе ни „тргне“ во Новата година – со средба Мицкоски – Ахмети?

Во јануари сериозно ќе се ангажираме за да обезбедиме Бадентер за избор на Народниот правобранител, но и за сите закони за кои е потребен за да не добиеме непотребно забелешки од ЕУ. Дали лидерот Христијан Мицкоски ќе се сретне со лидерот на ДУИ или преку пратеници ќе разговараме, е работа на стратегија. Не исклучуваме да има разговори на лидерско ниво, вели за „Слободен печат“ висок владин функционер.

Средба помеѓу премиерот Христијан Мицкоски и лидерот на ДУИ Али Ахмети можно е да го одбележи почетокот на новата 2026 година. Не се исклучува можноста Бадентеровото мнозинство за избор на народен правобранител, но и за неколку законски решенија, Мицкоски да го договара директно со Ахмети, брифира за „Слободен печат“ висок владин функционер.

Во директни одделни разговори со пратеници од немнозинските заедниците, премиерот по празниците ќе бара поддршка за т.н. двојно гласање за власта да не добие критики од ЕУ дека ја блокира институцијата Народен правобранител, но и некои закони од реформската агенда.

– Во јануари сериозно ќе се ангажираме за да обезбедиме Бадентер за избор на Народниот правобранител, но и за сите закони за кои е потребен, за да не добиеме непотребно забелешки од ЕУ. Дали лидерот Христијан Мицкоски ќе се сретне со лидерот на ДУИ или преку пратеници ќе разговараме, е работа на стратегија. Не исклучуваме да има разговори на лидерско ниво – вели за „Слободен печат“ висок владин функционер.

На Мицкоски Бадентерово мнозинство му е потребно и за усвојување на законот на јавна администрација и за Изборниот законик.
Претседателот на Собранието Африм Гаши на брифинг со новинарите апелираше пратениците да најдат политичка волја за Собранието да избере народен правобранител, откако вработените во институцијата пратија писмо и до Собранието, но и до медиумите и амбасадите, дека институцијата е во целосна блокада и дека веќе од 1 јануари нема кој да им ги потпишува ниту платите на вработените.
Гаши најави личен ангажман за да се најде решение за ова прашање, бидејќи станува збор за важна институција и оти е недозволиво толку долго да нема прв човек. Сепак, нема решение како ќе се обезбедат гласовите од ДУИ, со оглед на тоа дека власта нема Бадентерово мнозинство кое е потребно за избор на нов Народен правобранител.

Гаши апелира да се најде решение за омбудсман, клучни се гласовите на ДУИ

За да се изгласа новиот Народен правобранител, потребен е т.н. голем Бадентер, односно за него да гласаат 20 пратеници од немнозинските заедници. Според претседателот на Собранието, изборот на Народен правобранител потребно е да се случи што поскоро, бидејќи не би било добро на повторените локални избори во четири општини кои се закажани за 11 јануари да се оди без толку битна институција каква што е народниот правобранител.

И Ахмети очекува средба со лидерите на македонските партии, но не за Бадентеровото мнозинство, туку пред нив да ја промовира новата национална стратегија за прогрес. Тој неодамна, на брифинг со новинарите, прашан како ќе ја реализира најавената стратегија и дали ќе бара средба со лидерите на партиите, рече дека тие слободно можат да го побараат.

ВМРО-ДПММНЕ, заедно со пратениците од Вреди, го нема потребното Бадентерово мнозинство. Од вкупно 120 пратеници, 39 се припадници на немнозинските заедници. Најбројни (10) и во случајов клучни за избор на народен правобранител се пратениците од ДУИ, бидејќи без нив власта не може да дојде до голем Бадентер. Вкупно, пак, опозициски пратеници од немнозинските заедници се 24. По тројца пратеници од Алијанса за Албанците. предводена од Зијадин Села и таа од Арбен Таравари, плус независниот Илир Демири, кој неодамна се отцепи од АА на Села. Опозициски дејствува и лидерот на ДПА, Мендух Тачи, како и опозициски пратеници се и Скендер Реџепи и Сали Мурат, кои се дел од Европскиот фронт, предводен од ДУИ. По двајца пратеници од заедниците имаат и опозициските СДСМ и Левица, како и Бејџан Иљас, кој до неодамна беше дел од Европскиот фронт.

Комисијата за избори и именувања го предложи Фатон Сељами за народен правобранител. Владејачкото мнозинство има доволно гласови да биде поддржан овој кандидат, но нема доволен број пратеници за гласањето по Бадентер. Власта засега не игра на картата за смена на кандидатот за народен правобранител. Оттука јасно е дека власта ќе влезе во преговори Бадентеровото мнозинство да го обезбеди со пратениците на Али Ахмети.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот