Кинеската производна машинерија и светот (2)

Божидар Миљовски, Фото: Архива

Северна Македонија како економски потенцијал не може да влијае врз светските случувања, но мора да најде место каде што ќе се смести во нив. Бидејќи Македонија се наоѓа на патот на Јужниот проток на КПМ, во мојата студија предлагав комплетен регионален центар на КПМ во Македонија за земјите од регионот.

Производите на кинеската производна машинерија (КПМ) за разни дестинации се транспортираат на прифатлив начин на земјата. Годишната рата производи за разни подрачја се следниве: до САД од 400-500 милијарди годишно; до Далечниот Исток и Јужна Америка 350-450 милијарди и Европа и Африка 400-500 милијарди годишно. Почнувајќи од 1992 година, кога почнаа американските фирми да се селат во Кина, прво од Јапонија, па од Филипини, Малезија и од другите источноазиски земји, извозот од година во година се зголемуваше, така што сега достигна околу 500 милијарди, додека американскиот увоз во Кина е само 150 милијарди.

Извозот во САД главно оди во координација со американските компании во Кина, всушност тоа се производи на американските фирми во Кина. Пред три години бев во САД, ги посетив сите продавници барајќи производ на кој пишува „Made in USA“, но на сите пишуваше „Made in Kina“, така што претседателот Бајден има право кога бара производите да бидат произведени во САД. Овој извоз на Кина во САД подоцна се трансформира како заем и затоа Обама изјави дека САД живеат на кинеска кредитна картичка. Во секој случај и политичките и економските односи на САД и Кина се многу сложени и тешко се дефинираат, затоа еден западен коментатор рече: „Кина и САД вечно се караат, но знаат дека една без друга не можат“.

 

Далечен Исток и Јужна Америка

 

Локалниот извоз на КПМ, во блиските земји Бурма, Тајланд, Виетнам и во Австралија се движи околу 150 милијарди, додека за увозот имаме информација само од Австралија за постојан увоз на железна руда. Извозот за Јужна Америка се дели на западната хемисфера: Колумбија, Перу, Чиле и Аргентина и за источниот дел Бразил. Нема јасни статистички информации за ова подрачје, па тоа што го давам е на основа на груба процена. Ќе се задржиме повеќе на Европа и Африка, на проектот Пиреја, Медитеранскиот и Јужниот ток кон Европа. Со создавањето на кинеската КПМ и нејзиниот раст почна и размислувањето за  освојување и на светскиот и на европскиот пазар. Во 2012 година почнаа студиите за европскиот пазар и тогаш се испитуваше варијантата кинескиот извоз од 350 милијарди годишно да оди преку северните пристаништа Ансвер, Амстердам,  Хамбург, Ротердам и други. Исцрпните анализи покажаа дека овие пристаништа се преоптоварени, како и приодните патишта, дека доаѓањето на 350 додатни милијарди производи би направило хаос во овој дел на Европа и решија да ја напуштат таа варијанта. Сметам дека тој проект е напуштен кога осознаа дека кинеската стока тешко ќе се продава во Северна Европа, која има префинет вкус за квалитетни производи. Се определија за приод од Медитеранот и се промовира проектот Пиреја.

Во 1916 година кинеската контејнерска компанија „COSCO“ по овластување на  кинеската влада го купи или го изнајми грчкото пристаниште Пиреја и потроши околу 20 милијарди, според едни информации, а според други – 10 милијарди. Условено беше пристаништето да се продлабочи за гас на бродови од 20 м и да се изгради најголем контејнерски дистрибутивен центар во Европа и со тоа се зацрта целиот проект Пиреја, кој претставува технолошка целина за дотур, претовар, дистрибуција и превоз на 500 милијарди производи за Европа и за Африка. Во изминатата година лидерот Џи Пин на европската турнеја го промовира „Патот на свилата“ како симбол за доаѓање на кинеските производи во Европа, дури заговараше и изградба на пруга, но сето тоа останува како идеја. Сигурно е дека Кина ја реконструира руската транссибирска железница со која може да стигнува стока до Русија и до Источна Европа. Сигурна е за следните 20-30 години и пирејската линија за носење кинеска стока. Според овој проект, производите би доаѓале до Пиреја со шатал контејнерски бродови, кои би носеле до 6.000 контејнери од Шангај. Според кинеските убедувања, „стоката за Европа ќе биде без цена или со многу ниска цена за превоз“, а пристаништето е поделено на два дела, дел со гас од 20 м., каде што доаѓаат големите шатал бродови и друг дел со гас до 10 м, за дистрибуција со бродови по Медитеранот.

Производите од 400 милијарди се делат на 200 милијарди за медитеранскиот проток на КПМ, се претоваруваат на малите бродови и патуваат до Црно Море,  до Егејско, до Јадранско и до Средоземното Море. Другите 200 милијарди се истоваруваат во контејнерското депо од каде се товарат на железнички вагони и патуваат кон Македонија, Србија, Унгарија до Централна Европа и тоа е Јужниот проток на КПМ. Така 400 милијарди одат по земјите од Медитеранот и од Централна Европа. Другите 100 милијарди се за иднината или за зголемена побарувачка.

Кога овој процес беше јасен јас ја напишав студијата Јужен проток на кинеската производна машинерија. Во неа предвидувам во Македонија еден Регионален центар на КПМ, кој би го покривал регионот: Бугарија и Јужна Србија до Ниш, потоа  Македонија и Северна Грција до Солун, па Косово, Албанија, Црна Гора и Санџак, со други зборови регионот станува центар на КПМ.

 

Начин и асортиман на продажба

 

Сега продажбата на кинеските производи оди преку интернет, преку Алибаба, и  преку „Очите во трговијата на Кина, Хонг Конг и Тајван“, каде што се сместени огромен број извозно-увозни компании. Грубо, кинескиот извоз се движи во стока за широка потрошувачка и опрема за индустријата и другото стопанство. Сѐ уште кинеската Силика Валеј, електронскиот парк  во Шангај не исфрли комерцијален „hight“ електронски производи. Индустриската опрема е во опрема: за експлоатација на неметали, за производство на градежни материјали, за градежништво – високоградба, нискоградба, хидроградба и геотехника, за земјоделие, градинарство и шумарство, за рударство и завршува со металуршка опрема. Целата опрема е значително поевтина од западната, погруба е, но е ефикасна. Да дадам еден пример. Еден наш произведувач побарал понуда за дробилана од една норвешка фирма и од една финска. Едната даде цена од 310. 000, а другата од 305.000 евра. По истата спецификација кинеската понуда беше 98.000 евра. Кога нашиот муштерија му приговори на Кинезот за послабиот квалитет, тој лаконски одговорил: „За исти пари добиваш три“, со што се беше кажано.

Еден од големите проблеми на вака робусни производителни економии е падот на куповната сила на пазарот и натрупувањето на залихите. Сега во многу фирми во Кина нема место каде да се складираат; КПМ не е долго на пазарот и нема искуство. Има неколку решенија. Првиот е продажба на опрема со бескаматен заем, што Кина го користи – три банки се овластени да даваат вакви кредити за стимулирање на извозот. Вториот начин е опрема на лизинг, но за оваа процедура потребна е долга подготовка. Лизинг-центрите се локални, регионални, центри на ниво на држава, центри за наменски проекти и лизинг опрема со оператори. Обично лизинг центрите се комбинирани со информативен и со продажен центар, со сервиси за одржување на продадената опрема и со консигнација на резервни делови. Јас во мојата студија предлагав, во рамките на проектот Јужен проток на КПМ, ваков регионален центар во Македонија.

 

Мало стопанство во светот врз база на КПМ

 

Малото стопанство е многу раширено во светот – во Европа и во САД е повеќе од  50% од вкупното стопанство. Ако погледаме како функционира ќе ни биде јасно зашто најмногу го има во развиените земји и центри. Тоа се фирми со помалку од 50 вработени и нивниот продукт речиси секогаш е под 50%  сопствени делови, а другите се од кооперанти. Честопати деловите за асемблирање се носат со курир или се донесени преку ноќ. Оттука произлегува дека малото стопанство може да се развива и да егзистира каде што има мрежа на специјализирани производители на делови кои ги снабдуваат фирмите, кои можат да се наречат асамблери на опрема.

Следејќи го овој процес на работа на малото стопанство, слободен сум да предложам создавање светско мало стопанство врз база на КПМ. Замислете, КПМ вложува 100 милијарди долари во синџир од илјадници складишта полни со делови произведени од КПМ, контролирани од робустен компјутерски центар. На овој начин ќе го покријат светот и ќе овозможат создавање милиони фирми, кои ќе произведуваат мала опрема. Што овозможува еден ваков проект? Тој го интегрира светот во една заедничка фирма, не се транспортира опрема од Кина, туку сандаци со делови, со што се постигнува меѓународна поделба на производите и трудот што води до огромно вработување во светот. Турција за 5 милијарди увезува од Кина полупроизводи и делови и разви мало стопанство. По овој пат тргна и Грција, а во најново време и Италија – тоа се зачетоци на малото стопанство, кое го предлагам подолго време.

 

МН: Мегапроекти во светот

 

– Проширување на Суецкиот Канал двонасочно и со поголем гас.

– Поврзување на Северна Африка и Европа, односно премостување на Гибралтар.

– Поврзување на Азија и Америка кај Аљаска, односно премостување на Беринговиот Теснец.

– Земјината топка 2/3 е вода, 1/3 е земја, од ова 1/3 земја -1/3 се мочуришта и тресетишта, што значи 1/9 или 10% од Земјината кора е неискористена било за преработка било за градење и светот мора да најде технологии овие површини да ги направи корисни.

– Урбани проекти со пруги во градовите. Пред 150 години, кога се граделе железничките пруги, главната станица ја граделе во градовите на Европа и Аметрика. Тоа е голем бизнис (јас работев на ваков проект во Лос Анџелес во САД – Аламенда Коридор од 18 км.)

– Сахара лежи на огромно подземно езеро, може да стане најголема житница во светот. Овој проект го почна Гадафи, но остана нереализиран, го стопира.

– Сончевите панели и ветерниците како обновлива енергија можат да станат големи производители на енергија во земјите што се производители на нафта и гас. Економската цена за експлоатација на нафтата е 30 долари за барел, а на шкрилците 69 долари за барел. Сега, кога цените на нафтата и гасот се високи од  се инвестира во обновливата енергија, а кога ќе паднат цените, обновливата енергија ќе ја замени нафтата.

– Постојат уште многу проекти – каков што е користењето на лавата како енергент итн.

Го завршувам ова набројување на идеи за мегапроекти, а можеби КПМ ќе најде интерес со остварувањето на финансискиот „Српласт“ да учествува како кофинансиер и како учесник во градењето.

 

Македонија и светските економски случувања

 

Северна Македонија како економски потенцијал не може да влијае врз светските случувања, но мора да најде место каде што ќе се смести во нив. Јомо Кенијата имаше изрека: Кога слоновите се борат, мравките и тревата страдаат. Потребна е голема способност за тоа каде и како ќе се позиционираме, разбирливо сметајќи да извлечеме корист. Ако погледнеме географски и сообраќајно, Северна Македонија се наоѓа во центарот на регионот – Бугарија, Јужна Србија до Ниш,  Северна Грција до Солун, Косово, Албанија, Црна Гора и Санџак. Овие земји заедно имаат 16 милиони и се мал пазар. Бидејќи Македонија се наоѓа на патот на Јужниот проток на КПМ, во мојата студија предлагав комплетен регионален центар на КПМ во Македонија за земјите од регионот. Овој центар би бил продолжена рака на КПМ и би имал информативен, продажен, лизинг центар на опрема со сервисирање, би имал служба за прифаќање и дистрибуција на контејнерите, служба за полнење на повратните контејнери од регионот и од Европа со стока за Кина, голем магацин за делови за новото мало стопанство што би се развило во регионот.

Веќе почнавме со правење база на податоци за неметали, минералите и метали во Македонија и во регионот со една кинеска фирма специјализирана за суровински бази. Важни би биле постојните рудници и топилници во регионот, кои може да бидат од интерес за КПМ, како и финансиска група за поддршка и кредитирање на продажбата и купување на одредени фирми за потребите на КПМ. Да заклучам со изјавата: Ако може Турција да се вклучи  во тековите на кинеската производна машинерија, можеме и ние со целиот регион.

(Крај)

(Јазикот на кој се напишани како и ставовите изнесени во рубриката „Колумни“ не се ставови и одраз на уредувачката политика на „Слободен печат“)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот