Кејот на Пена затрупан со илјадници тони отпад, Општина Тетово ќе го разубавува со летни тераси

Фото: Слободен печат

Општина Тетово преку физибилити студија на јавна дебата предложи над реката Пена да се изградат летни тераси, кои ќе ги користат рестораните и кафулињата.

На тој начин како што изјави градоначалникот на Тетово Биљал Касами, кејот ќе добие поубав лик, а угостителството во тој дел на градот ќе се развие.

Смета дека одлуката ќе наиде на одобрување од граѓаните, а советот на општината ќе ја изгласа.

„Сетоа ова е во делот на ослободување на јавните површини покрај самата река кои досега ги изнајмувале угостителските објекти, а од друга страна со летните тераси над реката ќе се добие естетика, но и економски бенефит на кафулињата. Концептот е самите инвестори да ги изградат јавните тераси, а откако ќе се врати инвестиција тие ќе плаќаат комунална такса„, рече градоначалникот на Општина Тетово Биљал Касами.

Фото: Слободен печат

И додека општината предлага решенија за поестетски изглед на Пена, кејот со децении се „дави“ во илјадници тони отпад. Што ќе се преземе во врска со оваа проблематика, градоначалникот со кус одговор.

„Летните тераси ќе бидат дополнителен мотив реката да биде почиста“, рече Касами.

На јавната дебата организира во Општина Тетово беше презентирана и физибилити студија, која предлага менаџирањето на јавното осветлување да го преземе јавно-приватно партнерство.

„Согласно одлуката на Владата ние зимава го гасиме уличното осветлување после полноќ, за да заштедиме струја. Но, според последните информаци од Секторот за финансии до крај на февруари, финансиската состојба ќе биде стабилизирана и од 1 март Тетово и после полноќ ќе имаме улично осветлување.Со концептот на јавно – приватно партнерство , приватниот партнер ќе го одржува јавното осветлување и со тоа нема да има рестрикции, како и дефекти на уличното осветлување“, дополни Касами.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот