Ќе се согорува ли отпад на нивите зад Железарница?

Железара / Фото: МИА

Контроверзните детални урбанистички планови за делот на Општина Гази Баба, во кој порано работеа погоните на фабриката за железо, ги вознемирија локалните жители. На почетокот на месецов, на веб-страницата на Општината беше објавено известување за спроведување стратегиска оцена за влијание за животната средина за урбанистички проект за три парцели наменети за изградба на постројки за неопасен отпад, за што се шпекулира дека ќе се согорува индустриски отпад од „Макстил“, но и од увоз.

„Слободен печат“ ги праша надлежните во Општина Гази Баба – дали на просторот помеѓу комплексот на некогашната Железарница и населбата Бутел се подготвува изградба на фабрика за преработка и согорување на отпад, но оттаму не добивме одговор до затворањето на весникот.

Претходно, на емисијата „Утрински Брифинг“ на „Слободна ТВ“, изминатата недела градоначалникот на Гази Баба, Борис Георгиевски, на истото прашање рече дека постапка е во тек и за неа ќе има јавна расправа.

– Сите институции и сите релевантни субјекти ќе бидат вклучени во неа. Станува збор за опфат надвор од урбанистичкиот план, опфат Старо Скопје, се работи за неопасен отпад. Стратегиската оценка уште трае, јавната расправа не е ниту почната – рече Георгиевски.

Земјиште од 30 хектари потенцијална зона на загадување

Изработката на проектот за трите парцели, кои се во сопственост на државата, има за цел оформување поголема градежна парцела, стои во изработениот Нацрт-извештај за стратегиска оценка на влијание врз животна средина за ова земјиште.

„За да е пострашна приказната, во линија над комплексот Железара во исто време се води постапка за три урбанистички проекти со намена Е 3.1 – постројки за термички, физичко-хемиски и хемиски третман на неопасен отпад. Градоначалникот претходно донел Одлука за неспроведување стратегиска оцена на влијанијата врз животната средина, но Министерството за животна средина оценило поинаку и ѝ  наложило на Општината дека оцена мора да се спроведе“, вели Ивана Павловска, жителка на Гази Баба, која ги соопшти своите сознанија во писмо до медиумите.

Според неа, земјиште од 30 хектари е голема површина и потенцијална зона на загадување.

„Не се даваат податоци за тоа каков отпад станува збор, ниту со каква технологија тој ќе се преработува“, пишува Павловска.

Ваквото молчење на Општината само ги подгрева шпекулациите што се шират кај месното население дека станува збор за фабрика што ќе преработува индустриски отпад, односно отпаден материјал од челичарницата „Макстил“, отпад од индустриски филтри и дека ќе се увезува индустриски отпад од Косово за да се задоволат капацитетите на постројките.

Низ земјиштето поминува водоводот за Црешево и Смилковци

Цел на изработката на Урбанистичкиот проект вон опфат на урбанистички план за уредување на земјиште со намена Е3.1 – постројки за термички, физичко-хемиски и хемиски третман на неопасен отпад на дел од КП бр. 11589/1, КО Старо Скопје – Општина Гази Баба, е да се овозможи оформување една градежна парцела со намена депонии и преработка на неопасен отпад.

Низ земјиштето што се продава поминува водоводна мрежа за селата Црешево и Смилковци, па со изградбата на погонот за преработка на отпад, водоводот ќе треба да се премести.

– Во близина на ова земјиште има земја што се обработува заради производство на храна, имам сознанија дека фирми се заинтересирани таму да отворат конзервна индустрија и други лесни незагадувачки индустрии, но тие не можат да добијат, бидејќи некој решил таму да се преработува отпад и му се дава правото некому што сака таму да преработува отпад. Тоа граѓаните нема да го дозволат – вели членот на Советот на Гази Баба, Дејан Димитриевски.

На прашањата што минатата недела ги доставивме до Општина Гази Баба во врска со земјиштето – дали има конкретен купувач, за која фирма станува збор и каков отпад таа ќе преработува, како и дали е точно дека таму ќе се преработува згурата која останува од технолошкиот процес на „Макстил“, а која сега се извезува во странство, од Општината не добивме одговор, и покрај повеќекратните обиди за телефонски контакт и испратените пораки. Неофицијално, веќе е познат инвеститорот што е заинтересиран таму да преработува отпад.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот