Ќе се бесиме на телефонските бандери!

Сашо Орданоски. / Фото: Слободен печат

Би било убаво некој надлежен во државава – на пример, Агенцијата за електронски комуникации? – да ни објасни што се случува со интернетот во државава? Мојот провајдер (не е ни важно кој е, сите се исти) понекогаш едвај успева да испорача сигнал што отвора обични веб-страници, а има цели делови во денот кога ништо не помага. Порано барем знаевме кога е кризниот период во едно деноноќие, па спиењето си го регулиравме по тој распоред; сега ти е исто и во девет наутро и во два попладне и во десет навечер и во три по полноќ! Како пред десетина години, кога користевме тррррррр-модеми, чекам со минути да се појави она што сум го кликнал, а од видеата ништо не можеш нормално да догледаш, од прес-конференција, преку дебата и филмче, до – велат – порно!

Кога и да се јавиме од дома да интервенираме кај провајдерот, почнува бескрајната, љубезна, извежбана прикаска за рутерот, за рестартирање („Да ти… каде е ливчето со лозинката?!“, бидејќи жена ми кога ќе ја смисли, само од сефот на Народна банка може да се активира!), за тоа да го вклучиме оној уред, а да го исклучиме другиот, да го провериме кабелот, да кажеме кое светленце гори, а кое не, да стоиме на една нога и да пееме „О соле мио“ и слични марифетлуци, со редовен заклучок дека, според НИВНИТЕ мерења, сè е во најдобар ред… „Фала ви многу, извинете многу, пријатно многу“… И пак НИШТО НЕ Е ВО РЕД!

Срам ми е да кажам колкави месечни сметки плаќаме за најголемиот и, наводно, најдобриот семеен телекомуникациски пакет. Од уста делам, се исушив, на здравје кратам, само да имаме конекција… И сето тоа во најцентарот на Скопје, цигли бушевме за да ни донесат оптички кабел до дома, со вклучени „всички екстри“! Џабе. Сонот го изгубив, ми доаѓа да се обесам на старата телефонска бандера пред зграда, ама не сум сигурен дали ќе ме издржи – заеби бесење, да не се искршам од паѓање од високо…

Па, потоа, кога ми текнува колкави профити прават нашиве теле-оператори, ми паѓа жал да не ги оставам без приходите од мене, да не им се одрази на финансиите, нешто да не им се деси, и се враќам на цигарите и алкохолот како последна утеха пред икончето на екранот што врти бесконечни кругчиња барајќи активна мрежа… Корона да беше, ќе ја фатеше!

А денес почнува и масовната училишна онлајн настава. Наздравје! Дечиштава ќе го исцедат и последниот бајт од мрежата, дремејќи дома пред компјутери. Мила Царовска е печена да плати висока цена за неуспехот на таа масовна виртуелна образовна за…фрканција, иако жената со интернетот има толку врска колку и провајдериве со нивните интернет услуги. Ама, кој им ги знае имињата на секогаш дотераните и навежбани по теретани метросексуалци од големите телекомуникациски компании, кога е тука милата министерка да ја плати крајната фактура.

И така. Кругчето уште си врти…

Туку, сега ми јавија, во недостаток на интернет, извадил комшијата некои стари ВХС касети од подрум со содржина за возрасни (некои обуки, така нешто), па праша дали уште го чувам видео-рекордерот од пред 25 години… Морам да му се најдам, тоа му доаѓа како проект за доживотно образование, држ-недај, опа-цупа, може и некоја работна преквалификација ќе научи, а на нешто и ќе се потсети. За помладиве ми е, не се живее само од теорија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот