Камерниот оркестар „Профундис“ ќе изведе мултимедијален концертен спектакл со наслов „Грув“

Камерен оркестар „Профундис“

Уникатна музичка програма проследена со сценски визуелни ефекти во форма на 3Д-мапинг премиерно ќе биде изведена на концертниот спектакл „Грув“ (Groove) на македонскиот камерен оркестар „Профундис“, кој ќе се одржи на 21 април на сцената на Националната опера и балет.

На ова аудиовизуелно доживување како солист ќе настапи виртуозот на виолончело Драган Ѓорѓевиќ-Сузуки, кој пред македонската публика ќе се претстави заедно со врвните музичари од камерниот состав „Профундис“ под диригентската палка на маестра Ѓурѓица Дашиќ.

На концертот ќе прозвучи оригинална програма со четири праизведби составени од класиката, преку фолклорот до рокенролот. Ексклузивноста на програмата преку делата на В. Валтон, Д. Шостакович, Џими Хендрикс, „Мизерлоу – Палп фикшн“, Ж. Офенбах, Д. Попер и П. Сарасате ќе ја збогати и делото на македонскиот композитор Дарко Илиевски – „Motusfolklorikus“, напишано специјално за овој настан и посветено на камерниот оркестар „Профундис“.

– Овој концерт е доказ дека креативноста не познава граници и ќе биде навистина неверојатно мултимедијално доживување кое се случува еднаш, но останува засекогаш. Користиме технологија која првпат се употребува на концерти од ваков тип и во комбинација со виртуозноста во сценскиот настап на солистот Драган Ѓорѓевиќ – Сузуки уникатната програма ќе ја разбуди синергијата кај секој од присутните – најави маестра Ѓурѓица Дашиќ, уметнички раководител и диригент на „Профундис“.

Камерниот оркестар „Профундис“ е уметнички состав кој постои веќе три години и чии цели се промоција на квалитетот и особеноста на изразот со посебен акцент на оригиналноста на сите концертни изведувања. Во него членуваат едни од најистакнатите македонски инструменталисти што се дел од двата професионални оркестри во РСМ, Националната опера и балет и Националната филхармонија.

Драган Ѓорѓевиќ (Србија) e еминентен виолончелист и професор по виолончело на Факултетот за музичка уметност во Белград. Почнал да свири виолина на шест години, но се префрлил на виолончело и ги добил првите часови кај проф. Реља Ќетковиќ.

Драган Ѓорѓевиќ-Сузуки

Дипломирал на Факултетот за музичка уметност во Белград и ги продолжил студиите во Лондон, каде што свирел со Лондонскиот симфониски оркестар и Кралската северна симфонија. Драган подоцна студирал со Јанг Чанг Чо на „Hochschule fur Musik“ во Германија, каде што ја добил својата диплома со одликување и посебна чест.

Како солист и камерен музичар, Драган настапувал на бројни меѓународни музички фестивали и соработувал со многу реномирани уметници. Тој е и уметнички директор на Училиштето за музички надарени деца во Ќуприја.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 175, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 21-23.4.2023)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот