Камерниот оркестар „Ба-рок“ ќе ја отвори манифестацијата „Есенски музички свечености“

Манифестацијата „Есенски музички свечености“ свечено ќе биде отворена на 4 ноември со концерт на Камерен оркестар „Ба-рок“ во фоајето на Националната опера и балет, со почеток во 20.30 часот.

Членовите на ансамблот „Ба-рок“ својот прв заеднички настап го имале на Мајски оперски вечери во 2021 година во продукција на Национална опера и балет со претставата „Игри на животот“, во која се изведува музика исклучиво од барокот. Од таму произлегла идејата да продолжат да дејствуваат како ансамбл што ќе ја негува барокната музика, имајќи ја предвид раритетноста на изведување на ваков музички стил во Северна Македонија.

– Самата комплексност на барокниот стил бара од изведувачите голема виртуозност и висок професионализам, што е одлика на сите членови од ансамблот. Секој член на ансамблот е солист во оркестарот, нашите пејачи се носители на главни улоги во повеќето оперски претстави на сцената на НОБ. Предводени од нашиот диригент маестро Иван Еминовиќ, кој ја зазема и позицијата на чембалист во ансамблот, и добро организирани од страна на професионален режисер се стремиме да ги достигнеме светските трендови и критериуми за изведба на исклучителен барокен перформанс. Преку пристапот и начинот на изведба ќе се обидеме да го воздигнеме програмското и изведувачко ниво, а со тоа да понудиме можност и да разбудиме интерес кај публиката за градење на свој вкус и категоризација на уметноста со високи вредности – посочуваат од ансамблот.

Во ансамблот членуваат виолинистите Климент Тодоровски и Јане Бакевски, потоа Марија Георгиева на виола, Кирил Јосифов на виолончело, Митко Иванов на контрабас, Марија Јакимовска на флејта и пиколо, Татијана Петрушевска и Ѓорѓи Петрушевски на обоа, Марјан Милошевски на фагот и Теодор Теодосиевски на ударалки.

На концертот на 4 ноември како вокални солисти со ансамблот настапуваат Биљана Јосифов – сопран, Николина Јаневска – мецосопран, Драган Ампов – баритон.

Диригент е Иван Еминовиќ, кој истовремено ќе настапи и на чембало, а режисер на концертот е Љупка Јакимовска. На програмата се дела од Ж.Ф. Рамо, Г.Ф. Хендел, Ј.С. Бах и А. Вивалди.

Манифестацијата „Есенски музички свечености“ е во организација на Дирекцијата за култура и уметност – Скопје.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот