Каква да е химната, за да ја пеат Албанците?

Срѓан Ивановиќ / Фото: Слободен печат

Членовите на австриската селекција, во која играат повеќе натурализирани фудбалери, од прв до последен ја пееја химната на својата земја. За горите и реките на Австрија пееја Алаба, Калајџиќ и Драговиќ, заедно со Баумгартнер, Бахман и Шлагер. Но, тоа е успех на австриската држава и на нејзината долгогодишна политика на инклузија на малцинствата и нема никаква врска со играчите.

Уште во воведот на моето излагање, би сакал да посочам дека немам никаков проблем со тоа дали некој фудбалер ја пее или не ја пее химната на Македонија, додека се интонира во пресрет на натпреварите од Европското првенство.

Тоа е лична работа и нема никаква врска со вредноста на некој фудбалер, неговата посветеност кон играта, залагањето на теренот и радоста која ја чувствува по секој постигнат гол во националниот дрес. И тие што ја пеат, а и тие што молчат на интонирањето на химната, играат над своите можности на секој репрезентативен натпревар, не штедејќи ја силата и формата, ризикувајќи ја клупската кариера.

Фудбалот е најпопуларниот спорт на нашата планета и нема и не смее да има врска со политика, би било глупаво да служи како основа за нечиј национален идентитет и многу е погрешно доколку неуспесите во економијата, образованието и здравствената политика се обидеме да ги компензираме со спортските резултати. Немам ништо против нечии патриотски чувства, но тој што смета дека во репрезентацијата треба да играат патриоти, а не фудбалери, тогаш тој не знае ништо за фудбалот и спортот воопшто.

Оставајќи ги фудбалерите на раат, со огромна желба тие да постигнат што е можно подобар резултат во иднина, би додал само дека членовите на австриската селекција, во која играат повеќе натурализирани фудбалери, од прв до последен ја пееја химната на својата земја. За горите и реките на Австрија пееја Алаба, Калајџиќ и Драговиќ, заедно со Баумгартнер, Бахман и Шлагер. Но, тоа е успех на австриската држава и на нејзината долгогодишна политика на инклузија на малцинствата и нема никаква врска со играчите.

А што е тоа што на Албанците им пречи во химната на Македонија? Прашањето го поставувам бидејќи деновиве се дебатира на социјалните мрежи по тоа прашање, а статусот што најмногу го предизвика моето внимание е дека химната не е инклузивна за Албанците, за да тие ја пеат.

Во ред, во македонската химна нема ниту збор на Албанците, ниту за другите малцинства во земјава. Но, „Сонцето на слободата“ грее за сите Македонци, Албанци, Турци, Роми, Власи, Срби, а омажот кон Крушевската Република, која во своето кратко постоење го втемелува меѓунационалното почитување во модерната македонска држава. Гоце Делчев, Питу Гули, Даме Груев и Сандански се личности од историјата на македонскиот народ, но нивната револуционерна дејност не би требало никого да навреди.

Не мислам дека доколку некои стихови се извадат од химната, таа ќе стане поприфатлива за малцинствата, ниту, пак, доколку се додаваат имиња на други херои, таа ќе стане поинклузивна. Инклузивноста на малцинствата и на народите не е во зборовите и мелодијата, туку во односот на државата кон своите граѓани, кои се чувствуваат сигурно во правниот и во социјалниот систем и во земјата во која живеат ја гледаат иднината на својата земја.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот