Како на Милошоски му порасна носот

Антонио Милошоски/ Фото: Архива на Слободен печат

Веста која вчера пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Антонијо Милошоски ја објави на Твитер, а според која на завчерашниот состанок на Советот на министри, наводно седум членки биле против одредувањето датум за преговори на ЕУ со Македонија и Албанија, предизвика бурни реакции, како на социјалните мрежи, така и во политичките кругови. На крајот од денот се покажа дека пратеникот Милошоски лажел.

Како започна целата приказна.

„На денешниот ЕУ Совет 7 членки биле против датум за преговори со МК и АЛ:
Франција, Холандија, Германија, Данска, Луксембург, Белгија и Шпанија.
12 членки биле за преговори: Полска, Унгарија, Словачка, Чешка, Италија, Словенија, Хрватска, Белгија, Романија, Естонија, Латвија и Литванија.
Грција и другите воздржани!“, напиша Милошоски на Твитер.

Ваквата информација пратеникот ја „поткрепи“ и со принтскрин од напис во Фајненшл тајмс чијшто наслов гласи „Ладен туш од Франција и Британија за надежите на Балканот за брз прием во Европската Унија“.

Ваквата вест на Милошоски ја пренесоа речиси сите медиуми во Македонија, а со експресен демант на неговите наводи се јавија премиерот Зоран Заев и неговата партија СДСМ.

– Прв пат слушам за тоа дека седум земји биле против отпочнување на преговорите. До сега немам таков податок – рече Заев.

Со сличен став излегоа и од СДСМ.

„Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски, повторно е фатен како ги лаже граѓаните. Тоа е ВМРО-ДПМНЕ на Христијан Мицкоски, немаат идеја, немаат програма, шират лажни вести, безобрано и дрско лажат. Не е точно дека која било држава e против Република Северна Македонија да почне преговори за влез во ЕУ како што лаже Милошоски. Напротив, ниту една земја членка не била против нашата земја“, изјавија од партијата.

Веста на Милошоски ја демантираше и словачкиот министер за надворешни работи, Мирослав Лајчак, кој вчера во Скопје се сретна со неговиот македонски колега Никола Димитров.

– Немаше ниедна земја членка која што рече „не” за Северна Македонија. Земјите членки имаа проблем со Албанија и ова е дилема со која мора да размислуваме и да се справиме со неа. Има една резолуција од Холандскиот парламент, која што вели дека тие се против покана за Албанија и мислам дека во овој период до октомври треба да биде искористен од страна на Владата во Тирана да се справи со таквата загриженост која постои во земјите членки во врска со нив. Тие рекоа дека ова не е време за проширување, треба да се фокусираме на Брегзит и на консолидација, но преовладувачкото мнение е дека вашата земја направи одлични нешта со Преспанската спогодба и заврши одлична работа со реформите и сега е наша одговорност да го завршиме нашиот дел од домашната задача и да ви упатиме покана. Очекувам да се материјализира во октомври – рече Лајчак.

Деманти пристигнаа и од други земји. Дека ниту една земја-членка не се противела потврди и романското претседателство на Унијата од каде нагласија дека одлуката за Македонија е донесена едногласно.

– Договорот постигнат преку консензус вчера на ниво на земјите членки на Советот за општи работи претставува резултат на интензивна работа и комплексен преговарачки процес и испраќа позитивна порака. Ние не можеме да коментираме шпекулации и потсетуваме дека заклучоците беа усвоени едногласно – стои во реакцијата на министерот за надворешни работи на Романија и претседавач на вчерашниот состанок, Џорџе Чиамба.

Министерствата за надворешни работи на три земји-членки на ЕУ, Грција, Белгија и Луксембург, пак, демантираа дека биле „воздржани“ или „против“ отворање пристапни преговори со Македонија за време на вчерашниот министерски состанок во Луксембург, објави 360 степени.

„На последниот Совет за општи работи, Грција ја изрази својата силна поддршка за отворање преговори за членство меѓу Северна Македонија и ЕУ. Навистина, Договорот од Преспа воведе нова ера во пријателството и соработката меѓу Грција и Северна Македонија и ја очекуваме натамошната поддршка за нашата соседна земја во наредните чекори кон исполнување на релевантните пристапни критериуми додека стабилно напредува кон исполнувањето на целта – членство во ЕУ.“

Веста на Милошоски беше побиена и откриена како лажна.

Имено, и принтскринот кој го објави Милошоски од написот во Фајненшл тајмс е всушност стар напис од април 2019 година.

Антонијо Милошоски, злоупотребувајќи ја функцијата на државен функционер, во случајов пратеник, се обиде да шири лажни вести и на тој начин да влијае врз јавноста креирајќи лажна слика.

За жал, во нашето законодавство не е предвидена правна мерка за функционери кои шират дезинформации на штета на државните интереси. Во случајов со Милошоски тој може само да биде повикан на морална одговорност и да поднесе оставка.

Но, Милошоски нема таква намера. Ќе поднесам оставкa откако тоа ќе го направат Заев, Османи и Димитров, рече пратеникот во „24 Анализа“.

– Прифаќам да поднесам оставка за лажни моменти ден по поднесувањето оставка од страна на Зоран Заев, Бујар Османи и Никола Димитров кои во 2008 година ширеа лажни вести дека Македонија добила датум за јуни 2019-та. Многу ми е жал што лани премиерот Заев манипулираше со македонската јавност дека во јуни имаме сигурен датум. Жал ми е што Македонија го нема добиено датумот што го заслужува од 2009 година кога првпат добивме препорака од Европската комисија за почнување на преговорите, но тогаш имавме се уште нерешен спор со Грција и тоа беше изговорот за блокада од грчката страна. Владата минатата година направи референдум и забави за ЕУ и НАТО интеграцијата, потроши 180.000 евра, убедувајќи не дека имаме датум – истакна Милошоски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот