Реакции на романското претседателство: Одлуката за Македонија е донесена едногласно

Романското претседателство реагираше на шпекулациите кои се раширија во медиумите дека седум земји вчера на Советот за општи работи биле „против” преговорите со Северна Македонија. Информациите се демантирани и на вебсајтот на министерството за надворешни работи на Луксембург.

Министерот за надворешни работи на Романија и претседавач на вчерашниот состанок, Џорџе Чиамба, потсетува дека компромисот постигнат вчера да се одложи одлуката за старт на преговори е резултат на консензус меѓу земјите членки, како што предвидува праксата во Советот.

– Договорот постигнат преку консензус вчера на ниво на земјите членки на Советот за општи работи претставува резултат на интензивна работа и комплексен преговарачки процес и испраќа позитивна порака. Ние не можеме да коментираме шпекулации и потсетуваме дека заклучоците беа усвоени едногласно – стои во реакцијата на министерот.

Од Советот на ЕУ прецизираат дека вчера на состанокот немало никакво гласање, туку, како што е секогаш случај, по интензивни преговори, министрите успеале да изнајдат заеднички став помеѓу земјите кои се залагаат за побрзо отворање на преговорите со Северна Македонија и оние кои имаат внатрешни процедурални пречки како Германија или кои имаат резерви кон проширувањето генерално, како Франција.

Земјите членки вчера не можеле да одлучуваат за датум за преговори поради Германија која јасно ставила на знаење дека од правни причини не смее да ја става на ред таа дискусија додека не донесе Бундестагот одлука.

– Германија ни појасни дека не можат да разговараат за отворањето преговори затоа што нема мандат за таква дискусија од парламентот, така што оваа информација дека некои земји биле за или против е целосно лажна вест, велат од Советот на ЕУ и додаваат дека не бил изразен негативен став за преговорите со Северна Македонија, туку дека “познатите земји” со „најголем отпор кон проширувањето” ги повториле своите позиции.

Во прилог на тоа дека информациите содржани во твитот, кој потоа се рашири во медиумите, не се точни зборува и веб страницата на Министерството за надворешни работи на Луксембург, кое уште вчера објави дека поддржува отворање преговори со Северна Македонија.

– Министерот Аселборн истакна дека за Северна Македонија Советот мора да даде позитивен одговор, со оглед, меѓу другото, на историскиот договор за името и напредокот на земјата која е кандидат од 2005-та. Иако продлабочувањето на ЕУ е важно, исто толку е важно и да се зацврсти позитивната динамика – изјавил вчера на состанокот луксембуршкиот министер за надворешни работи, Жан Аселборн.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот