Како кула од карти се урна партнерството за стерилизација на хируршки инструменти во Клинички центар
Владата ќе го раскине јавно-приватното партнерство за стерилизација на хируршки инструменти во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ без арбитража, туку со спогодба што ја постигнале со фирмата „Скопстер“. Фирмата требаше да нуди стерилизирани хируршки инструменти и вложи над 10 милиони евра во центар за стерилизација во „Мајчин Дом“ во Скопје, но пациентите нема да видат ништо од ова вложување.
Препорачано
Министерот за здравство Азир Алиу на новогодишниот брифинг на прашањето од „Слободен печат“ до каде е ова јавно-приватно партнерство одговори дека власта решила да го прекине јавно-приватното партнерство спогодбено со „Скопстер“. Не е јасно што ќе се случува со објектот кој е изграден и реновиран, опремен со современа опрема за стерилизација а набавени се и хируршки сетови за различни типови операции. Решение чекаат и вработените во пералницата во Клинички центар, кои 11 месеци се без плата. Целата облека на хирурзите и пациентите се пере на други локации, надвор од Клинички центар а пералницата е целосно распадната, со машини за перење од Втората светска војна за кои нема ни делови.
Министерството за здравство не е надлежно за инфраструктурата во пералницата на Клинички центар туку „Скопстер“. Ние и да сакаме не можеме ништо да инвестираме бидејќи е противзаконски. Вработените таму се дел од нашата инфраструктура и не можеме да помогнеме. Решението е да продолжиме со јавно -приватно партнерство со „Скопстер“ за да може да се реализираат услугите, второто решение е да се прекине еднострано и третото решение е да се прекине со спогодба. Мислам дека решението е завршено. Очекувам наредната недела да има прес-конференција. Спогодбено ќе се раскине договорот. Тогаш ќе имаме право и да инвестираме и тие вработени од пералницата да се дел од здравствениот систем. И да имаме стандарди, рече Алиу.
Во своето излагање тој најави дека се очекува до крајот на февруари да се променат 12-те закони од областа на здравството на кои работат работни групи.
Годинава според Алиу имало 6 стручни надзори за кокретни сомнежи при лекувањето на пациентите. Во 5 од нив стручните комисии не најдоа проблеми, ама еден се работи и резултатите се очекуваат за 8 дена. Станува збор за случајот што го објави „Слободен печат“ за сомнителна смрт на бебе на ГАК, односно дека раководителка на одделот за интензивна нега во Клиниката за гинекологија во Скопје, пријавила докторка од нејзиниот оддел за професионална грешка која според пријавата „довела до смртни последици кај бебето“. Алиу состави тим од тројца лекари од Детската клиника, еден интензивист, еден невролог и еден педијатар за да ги разјаснат околностите. Во архивата на болницата има изјави од 6 сведоци на настанот кои тврдат на писмено во архивирани документи дека сведочеле 20-минутна реинтубација на бебето. Основното јавно обвинителство исто така отвори истрага за овој случај, а екипи на МВР веќе работат на прибирање на изјави и докази.
-Наредната недела ќе биде доставен извештајот од стручниот надзор до мене. Предизвици во здравството колку сакате, рече Министерот.
Во врска со вечната тема изминатите 20 години – нов Клинички центар, министерот за здравство вели дека нов клинички центар е потребен.
-Експерти прават временска и финансиска рамка. Временска рамка ни треба зашто веќе неколку години се зборува и сакаме побрзо да дојдеме до нов Клинички центар. Исто така сакаме колку ќе не чини тоа. И премиерот кажа дека едно од решенијата е ГОБ 8 Септември да е нов клинички центар зашто има цврста градба што ги задоволува сите стандарди, а и зашто инфраструктурно е поврзана со 2 булевари и има слободен простор за градење нова инфраструктура. Но, не е наше крајно да кажеме. Експертите со документ ќе ни кажат каде треба да се инвестира. Во првите 3 месеци од 2026 ќе знаеме каде ќе биде, најави министерот.
За нов Клинички центар има предизвици – многу клиники во „Мајка Тереза“ се универзитетски клиники, треба да се мисли и на тоа како ќе се пренесе образовниот елемент во друга институција.
Во однос на скандалот „операции на срце за профит“ нема нови пријавени случаи до комисијата што работи да ги испита. Ама министерот им најави на болниците дека ќе им се прави надзор. Странските експерти уште немале средба со Алиу и немаат сите склучено договор. Додека се чека склучувањето на договорот со нив, преведувачи им ги преведуваат документите од спорните интервенции на англиски јазик.
-Очекуваме 25-те случаи да се анализираат од тројца експерти од странство за да имаме крајни резултати и прес-конференција за тоа. Втората фаза е да се оди во здравствените установи и да се проверат 3-5 случаи дали клнинички и административно е постапено на добар начин, рече Алиу.


